Првичните податоци од пребројувањето на гласачките ливчиња покажуваат дека Ебрахим Раиси е новиот претседател на Иран со освоени 62 отсто од гласовите на избирачите.

Актуелниот умерен шеф на државата Хасан Рохани претходно изјави дека веќе има победник, без да го именува Раиси.

– Им честитам на луѓето за нивниот избор. Моите официјални честитки ќе дојдат подоцна, но ние знаеме кој доби доволно гласови на овие избори и кој е избран, истакна Рохани.

Останатите двајца ултра-конзервативни кандидата, Мохсен Резаи и Амирхосеин Газизаде-Хашеми, исто така, му честитаа на Раиси.

– Му честитам на … Раиси, кој е избран од народот, рече Газизаде-Хашеми, цитиран од иранските медиуми.

Во објава на Твитер, Резаи напиша дека се надева оти Раиси ќе изгради „силна и популарна влада, која ќе ги реши проблемите на земјата“.

Единствениот реформатор во изборната трка за претседател, поранешниот гувернер на централната банка Абдолнасер Хемати, исто така, објави твит со честитки до Раиси.

На претседателски избори во Иран гласале 28,6 милиони граѓани, истакна раководителот на штабот за спроведување на изборите, Џамал Орф. Според првичното пребројување, за Раиси гласале 17,8 милиони луѓе.