Станува збор за пациенти од Радовиш, кочанското село Спанчево, Делчево и две лица се од Штип. Во штипскиот ковид центар денеска се хоспитализирани вкупно 53 лица, од кои 45 се во модуларната болница, а осум лица се на Кожното одделение, кои се стабилизирани по третманот во модуларната болница. Според податоците од болницата 37 лица се на кислородна поддршка, а во дневната амбуланта имаат 27 прегледи.

Од Центарот за јавно здравје-Штип денеска излегоа со детална анализа во која се вели дека во Штип од почетокот на пандемијата до денес се регистрирани 5229 позитивни лица, починати се 150, оздравени 4895, моментално активни се 186 лица. Мал дел од активните се вакцинирани и се со лесна клиничка слика. Починати од новиот бран се 4 лица од кои 3 се невакцинирани, а еден вакциниран со две дози над 70 години со коморбидитети. Забележани се и по еден случај на новозаразени во три штипски конфекции, а заразата им е од семејни контакти.

Во однос на возрасни групи најголем процент се над 60 год со пораст на возрасна група од 20-39 години во последните две недели. Во училиштата се поставени ковид координатори, кои се во постојан контакт со ЦЈЗ и се постапува соодветно. Во моментот има едно лице – воспитувачка во детска градинка која е позитивна на ковид, истата е ставена во изолација и изолирана е групата на деца со кои била во контакт, се вели во соопштението од Центар за јавно здравје-Штип

Започната е дезинфекцијата и дератизацијата во предучилишните и училишните установи и истата ќе биде завршена до почетокот на школската година.