Корупцијата се протега од највисоките нивоа до секојдневните судски предмети

Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше СДС за блокирање на реформите во судството и истакна дека граѓаните преку своето лично искуство ја чувствуваат неправдата во Македонија.

Граѓаните во Македонија јасно ја перципираат неправдата во судството, а проблемите со корупцијата се системски, од највисоките до најобичните предмети, истакна Лефков во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа.

„Кога се обидувате класичен демиџ менаџмент, кога се обидувате да ја намалите штетата, само ќе најдете еден да одговара и притоа и одговорноста ќе ја сведат на минимум. За таков скандал имате условни казни. Прашањето е: Зошто служат казните во Македонија?“, рече Лефков.

Тој потоа посочи на препораките од оценската мисија и ГРЕКО:

„Оценската мисија има 40 препораки за Судскиот совет. Една од нив е намалување на нивниот мандат. Препораките на ГРЕКО тоа е здружение на земји членки на Советот на Европа, коишто се за борба против корупцијата. Препораките предвидуваат заострување на казните и во Законот за спречување на корупција и судир на интереси, и казните во Кривичниот законик којшто се однесуваат за злоупотреба на службена положба.“

Лефков нагласи дека граѓаните преку лично искуство добро ги познаваат проблемите во судството:

„Македонските граѓани се добро се запознаени со македонското судство. Има истражувања, како што е на пример на ,,Транспаренси интернешнл“, коишто се впуштаат во подетална анализа и зборуваат за корупција во имотни спорови, во граѓански судови, во основни судови и корупцијата ја разложуваат до наједноставните и најсекојдневните судски случаи коишто ни се случуваат. Нашите граѓани преку лично искуство ги знаат оние капиларни проблеми коишто секојдневно ги гледаат и ги перципираат како неправда, се до овие големи случаи коишто нормално ги следат на медиумите.“

Според Лефков, опозициската СДС ја злоупотребува политиката како алатка за манипулација со емоциите на граѓаните, наместо да се фокусира на вистинските реформи:

„На врвот на сето тоа ја имаме лицемерната СДС, која што ги спречува реформите во судството, а притоа во сите свои објави до сега во 15 месеци не прави ништо друго, туку игра само со емоциите на граѓаните. Нема професионалност во ниту една објава, секогаш има замена на тези и секогаш има игра или експлоатација на човечка болка. Тоа не е политика, тоа не е начин да се води политика. Ако барем малку ја научија лекцијата, ќе имавме барем опозиција којашто ќе имаше барем некое корисно решение или некој корисен предлог во насока на подобрување на овие процеси.“