Јасна порака од ЕУ за неприкосновеноста на идентитетот
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, од Скопје упати јасна и силна порака во одбрана на македонскиот идентитет, потенцирајќи дека тој не смее да стане предмет на политички преговори.
„Идентитетот се носи во душата, не на маса“
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Кос подвлече дека идентитетот не се утврдува за преговарачки маси, туку се носи длабоко „во душата и срцето“ на секој човек.
„Идентитетот се огледува во манастирите, во погачата, во тавче-гравчето, пинџурот, полнетите пиперки… Тоа никој не може да ви го одземе. Европската Унија е заедница на различности, и токму преку членството во ЕУ се зајакнува и заштитува идентитетот, културата и јазикот“, истакна Кос.
Словенечкиот модел како инспирација
Таа го посочи примерот на Словенија, нагласувајќи дека и покрај тоа што е мала земја, успеала да го зачува својот јазик како официјален во рамки на Унијата по нејзиното зачленување.
Изјавата на еврокомесарката е дадена во момент кога Бугарија повторно постави прашања поврзани со македонскиот јазик, барајќи во извештајот на Европската комисија да се употреби терминот „модерен македонски јазик“.