Косово повторно ги прекрши правилата на ЦЕФТА за слободна трговија на стоки. Од вчера попладне забрани влез на секаков вид на стока од Србија. Според информациите, од граничниот премин на земјава со Косово, преку Блаце денеска не е поминат ниту еден камион со стока кој имал српски регистарскли таблички или бил товарен со производи произведени во Србија.
Информациите до кои дојде Телевизија 24 велат дека вчера доцна попладне од Блаце биле вратени три српски камиони со цел да не се прави метеж на меѓуграничниот простор. Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров за ТВ 24 вели дека не е во ред да се носат вакви избрзани решенија кои веднаш стапуваат на сила. Тој очекува состојбата да се врати во нормала за неколку дена.
„Ние се координираме како тој проблем не се прелее на наша страна. Тоа значи да не дојдат 100 или 200 камиони, а со тоа би имале сериозен проблем. Кога ќе се паркираат на терминалот, протокот на наши стоки и други стоки кои треба да поминат ќе бидат блокирани.“ – izjavi Владимир Пивоваров Национален координатор за гранично управување.
Македонските транспортни здруженија велат дека мал е бројот на компании кои дистрибуираат српска стока на Косово. Но очекуваат брза разрешница на овој проблем. Од друга страна пак, Министерството за економија смета дека не треба да реагира до официјална Приштина бидејќи според министерството станува збор за спор помеѓу други две држави.
Инаку, ова не е прв пат Косово да го прекрши договорт на ЦЕФТА кој овозможува слободна трговија на стока помеѓу државите од Западен Балкан. Последен пат Косово го прекрши овој договор со Македонија во 2018 година кога официјална Приштина воведе дополнителни царини за двесетина земјоделски производи. ЦЕФТА договорт за слободна трговија е помеѓу Македојнија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Молдавија.
Во првите четири месеци од годинава трговската размена помеѓу државите од Западен Балкан изнесува 645, 3 милиони евра. Вкупната размена на Македонија со Србија која е еден од најдобрите бизнис партнери на земјава изнесува 352 милиони евра, од кои 130 милиони се извоз за Србија, а речиси 222 милиони евра се увоз на стока од Србија во земјава.
Стокова размена I – IV 2023
Западен Балкан 645 341 милиони евра
Македонија – Србија I – IV 2023
352 300 милиони евра
Извоз 130 400 милиони евра
Увоз 221 900 милиони евра
Инаку, одлуката за забрана на увоз на српски производи на Косово доаѓа по инцидент кој се случи вчера. Имено, информациите кои доаѓаат од српска страна се дека српската полиција привела тројца униформирани полицајци на Косово на територија на Србија. Од Косово пак обвинуваат дека нивните полицајци биле киднапирани од маскирани лица.