Владата на Косово во четвртокот назначи две српски групи како „терористички организации“, во потег што би можел да поттикне дополнителни тензии во нестабилниот север на земјата, кој го доживеа најлошото етничко насилство од независноста во 2008 година.
Премиерот Албин Курти на седницата на владата рече дека групите „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“ претставуваат високо ниво на „закана и опасност“.
Тој рече дека двете групи „регрутирале и обучиле членови како да користат оружје и да изведуваат други борбени методи во воените бази во Србија за да извршат напади врз локални и меѓународни институции во Косово“.
Србите, кои го сочинуваат мнозинството во северно Косово, велат дека „Граѓанската заштита“ била распуштена во 2015 година кога Србите се согласиле да влезат во косовските институции, вклучително и полицијата и судството, и за првпат учествувале на локалните избори.
Практичниот ефект не е јасен
Не е јасно кого претставува „Северната бригада“, кога е основана и како функционира. Минатата година на улиците на северот се појавија графити со потписот на групата, објави Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Од Белград нема веднаш реакција.
Ненад Рашиќ, единствениот српски министер во владата на Курти, гласаше против таа одлука и побара од владата да ја преиспита.
Иако практичниот ефект на декларацијата не е веднаш јасен, тоа би можело да предизвика нови апсења од страна на косовската полиција, што дополнително ќе ја зголеми политичката температура во областа.