Косовската претседателка, Вјоса Османи објави дека, на нејзино барање, Министерството за надворешни работи на Косово прогласило за „персона нон грата“ двајца службеници на Канцеларијата за врски на Руската Федерација во Косово и почнало процедура за нивно протерување од државата.
Според соопштението од кабинетот на Османи, прогласувањето за непожелни во Косово на руските дипломати е „поради нивната штетна активност, која е насочена против националната безбедност и уставниот поредок на Република Косово“.
Неделава побарав од вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала Шварц, да ги прогласи за персона нон грата двајца службеници во Канцеларијата за врски на Руската Федерација во Косово. Денеска МНР донесе одлука за прогласување на тие двајца дипломати за непожелни личности и во исто време ги извести законодавните институции и надлежните авторитети истата да ја извршат – се цитира Османи во соопштението.
Претседателката на Косово во оваа прилика порача дека „институциите на Република Косово се решителни во борбата против малигното влијание на Руската Федерација и нејзините сателити во регионот“, кои, како што вели, „тежнеат да ги урнат достигнувањата“ на Косово, САД, НАТО и ЕУ.
Поради таа причина ќе продолжиме да соработуваме тесно со нашите американски и европски сојузници, со цел да ја спречиме намерата Косово и нашиот регион да бидат жртви на дестабилизирачките амбиции на Руската Федерација – порача Османи.