За Резолуцијата, покрената од коалицијата на косовските Бошњаци „Вакат”, гласаа 89 пратеници и немаше ниеден глас „против”, ниту пак „воздржан”.
Предлогот на бошњачката коалиција го поддржаа сите пратенички групи во 120-членото Собрание на Косово, како од власта, така и од опозицијата, освен десетмината пратеници на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, кои ја напуштија седницата на почетокот на расправата.
Со Резолуцијата најостро се осудува геноцидот на срспската држава во Сребреница врз припадниците на бошњачкиот народ, како и „секоја тенденција за намерно и јавно негирање на геноцидот, со цел омаловажување на жртвите и криење на мотивите за извршените злосторства”.
Резолуцијта ги повикува државните институции да ги испочитуваат жртвите на геноцидот и, следејќи го примерот на Европскиот парламент, се прогласува 11 јули за Ден на жртвите на геноцидот во Сребреница.
Во јули 1995 година српските сили во БиХ ликвидираа над 8.000 невооружени машки лица, меѓу кои и многу малолетни деца, од бошњачка националност во сребреничката енклава, која беше прогласена за „безбедносна зона” од страна на Обединетите нации. Овој масакр се смета за најтежок во Европа по Втората светска војна.
Минатиот месец резолуција за осуда на геноцидот во Сребреница усвои и Собранието на Црна Гора, што предизика остри реакции од страна на партиите на црногорските Срби и на официјален Белград.