Се уште се истражува областа околу селото Бањска во општина Звечан на северот на Косово, потврди на 26 септември заменик директорот на полицијата за северниот регион Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа.
Поради тоа, влезот во ова место и натаму е блокиран, а можат да влезат или да излезат само оние кои живеат таму и имаат итна потреба за движење.
„Полицијата се уште не ја завршила работата, не се знае кога ќе заврши, можеби денеска преку ден“, рече Елшани.
Косовската полиција на 24 септември во раните утрински часови беше нападната од група маскирани и вооружени лица на северот на Косово, откако органите на прогонот се обидоа да ги отстранат барикадите поставени во Бањска на територијата на општина Звечан.
Вооружената група потоа се засолни во манастирот Бањска, од каде се судри со косовската полиција.
Во Бањска беше убиен косовскиот полицаец Африм Буњаку, а неколку други полицајци беа повредени.
Косовската полиција покажа што запленила по нападот во Бањска
Во размената на оган полицијата уби тројца напаѓачи од српска националност, а шестмина од нив се уапсени.
Во меѓувреме, вечерта на 25 септември, во хотелот Бањска се уапсени уште две лица поради поседување оружје. Како што соопштија од полицијата на РСЕ, истрагата ќе покаже дали случајот има врска со убиството на косовскиот полицаец.
Западните земји остро го осудија вооружениот напад на косовската полиција и побараа итна истрага и инволвираните да бидат изведени пред лицето на правдата.
Косовскиот премиер Албин Курти ги опиша вооружените напаѓачи како „организирана професионална единица која дошла да се бори на Косово“. Тој директно ја обвини Србија дека стои зад нападот на косовската полиција.
Сепак, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на Курти“. Вучиќ негираше дека Белград има некаква врска со нападот.