Комисијата за заштита на конкуренцијата даде одобрение за концентрацијата со која косовската компанија „Проекс Интернационал“ планира да стекне контрола врз „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје, покажува решението донесено од Комисијата.
Од документот се откриваат и деталите за планираната трансакција. На 2 јули 2026 година било потпишано писмо за намери меѓу „Тинекс-МТ“, во својство на продавач, и „Проекс Интернационал“, како купувач. Со него двете страни ги договориле главните комерцијални услови за преземање на малопродажниот бизнис со супермаркети на „Тинекс“ во Македонија.
Како што е наведено во решението, трансакцијата го опфаќа бизнисот кој, меѓу другото, функционира под брендовите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.
По потпишувањето на писмото за намери, на 14 јули 2026 година „Тинекс-МТ“ го регистрирал новото друштво „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје. Според Комисијата, новото друштво е предвидено да служи како средство за стекнување и понатамошно управување со бизнисот.
Малопродажниот бизнис, односно неговите релевантни делови, треба да му бидат ставени на располагање на „Тинекс маркет“ согласно договорените услови и конечната документација поврзана со трансакцијата.
„Проекс Интернационал“ е компанија со седиште во Приштина, чија главна дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници, со доминантна застапеност на храна, пијалаци и тутунски производи.
Компанијата е дел од „Проекс груп“, косовска деловна групација со активности во трговијата, дистрибуцијата, малопродажбата, логистиката и енергетскиот сектор. Групацијата се занимава и со увоз и дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, управување со синџири супермаркети, како и трговија, складирање и дистрибуција на нафтени деривати.
Во решението се наведува и дека „Проекс Интернационал“, како и групацијата на која ѝ припаѓа, досега немале поврзани субјекти регистрирани во Македонија, ниту оствариле приходи на македонскиот пазар во 2025 година.
Известувањето за концентрацијата до Комисијата било доставено на 10 август 2026 година, а дополнето еден ден подоцна. По спроведената постапка, Комисијата утврдила дека се исполнети законските услови за одобрување на концентрацијата.
Со одлуката е отстранета регулаторната пречка од аспект на заштитата на конкуренцијата за планираното преземање на малопродажниот бизнис на „Тинекс“ од страна на косовската „Проекс Интернационал“.
