По повод 35-годишнината од донесувањето на Уставот, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, упати честитка до граѓаните, повикувајќи на заедничка посветеност кон уставните вредности и изградба на правна држава.

Костадиновски во честитката истакнува дека силата на Уставот не лежи само во неговите одредби на хартија, туку и во колективната свест, одговорноста и посветеноста на граѓаните кон вредностите што ги гарантира.

„Лојалноста кон Уставот е наша заедничка должност, а почитувањето на уставните вредности е чин на највисок патриотизам и љубов кон татковината“, порачува Костадиновски.

Тој нагласува дека изградбата на правна држава во која владеат правото, правдата и еднаквоста е обврска на секоја генерација.

Според него, тоа е најдостоинствениот начин да се почитува заветот на предците и да се обезбеди подобра иднина за генерациите што доаѓаат.

„Да бидеме генерација која со своите дела ќе ја потврди својата верност кон Уставот и ќе придонесе за изградба на слободна, демократска и просперитетна држава“, порачува претседателот на Уставниот суд.

На крајот од честитката, Костадиновски им го честита Денот на Уставот на сите граѓани.