Тргнете ги рацете од Уставниот суд! Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава за европски вредности. Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се труди! Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој не може да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот!

Ова им го порача претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на денешната прес – конференција на политичките чинители во државава.Тој упати порака и до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи Уставниот суд ќе продолжи безкомпромисно да го чува Уставот и граѓанските слободи и права.

-Владеењето на правото и правната држава не можат да повредат ничии права или чувства, напротив, тие се гаранција за вашите слободи и права кои се признати со меѓународното право и утврдени во Уставот! Не дозволувајте вашите чувства да бидат манипулирани од било кого. Силата на Уставот е втемелена во волјата на секој од нас да го штити и да застане зад него. А јас, ќе останам доследен на моето ветување од првиот ден како претседател, лојален сум само на Уставот и никому друг, истакна Костадиновски.