Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски ги отфрла обвинувањата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во врска со проектот за изградба на булеварот „Боца Иванова“ и обвинува дека таа, а не тој, прави политиканство.

„За помалку од две години Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ, со синдикатот во Водовод, со синдикатот на ЈСП, со директорите на сите претпријатија за кои велеше дека се најдобри за модерно Скопје. Се скара и со МКЦ и вработените, со приватните превозници, со градоначалниците од ЗЕЛС, а деновиве започна да се кара и со народот од општина Бутел.“, изјави градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски после прес-конференција на Данела Арсовска во која го обвини градоначалникот дека лаже и манипулира со граѓаните.

„И за нејзе сите овие се виновни, само Арсовска исправна.
И при секоја кавга истата како со индиго прес тактика, посипува пердуви, збори за се друго само не за суштината, произведува политиканство.

Арсовска, ниту еднаш не ти посочив дека оваа улица која сега тебе ти е приоритет број 1 од твои лични причини е најголем проблем во нашата општина. Постојат многу поголеми проблеми кои треба да се решат. Заборави ли на ветувањата кон граѓаните од Бел Камен и Кучевишка Бара за кои ти лично даде ветувања дека за 82 дена ќе ги решиш нивните проблеми ?!

Изгледа ќе да е до карактерот, приватниот интерес и отсуството на способност да се менаџира градот.
Многу симтоматично зошто Арсовска инсистира да не ја промени трасата, а приватната фирма да ја изгради трасата која вети дека ќе ја ревидира пред изборите. Гледам и Арсовска се чуди како сум можел да бидам против нејзе, нека не се чуди воопшто, јас секогаш ќе бидам на страната на народот и моите сограѓани.

А за деталите, за политиканството на Арсовска и за тоа кој е со народот, а кој робува на приватните интереси, ќе соопштиме на прес конференција во понеделник, од местото и со луѓето на кои Арсовска им ветуваше се, а денес работи против.“, напиша Костовски на својот „Фејсбук“.