Бугарскиот европратеник е категоричен оти македонската страна мора да му се извини оти му забранила да влезе во државата и оцени: „ваквите преседани што ги прави Северна Македонија покажуваат оти таа е против својата евроинтеграција и дека сака да остане на оската Скопје-Белград-Москва“
Северна Македонија ја премина црвената линија со тоа што како земја кандидат за членство во Европската Унија не дозволи влез на европратеник на нејзината територија. Ова во изјава за БТВ го кажа бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, кому минатата сабота не му беше дозволен влез во С Македонија.
Ваквиот потег на С Македонија, вели Ковачев, секако ќе влијае на нејзините преговори за членство во ЕУ.
„Пред да зборуваме за ново вето, не само од Бугарија туку и од Европската Унија, за ова прво мора да се слушне објаснување од Скопје“, вели Ковачев за БТВ.
Бугарскиот европратеник додаде дека не добил никакво објаснување зошто не му бил дозволен влез во земјава и го оквалификува како смешно објаснувањето на македонското МВР за ваквиот потег, оти на лица што го нарушуваат јавниот ред и мир и ја омаловажуваат државава нема да им биде дозволен влез во неа.
„Иронично, неколку дена пред тоа, имав разговор со министерот за надворешни работи на Северна Македонија во Брисел, многу пријателски разговор. Сакав да присуствувам на настан за нашата заедничка историја во близина на Ново Село, на бугарските воени гробишта“, рече тој.
Ковачев е категоричен оти македонската страна мора да се извини оти му забранила да влезе во државата и оцени: „ваквите преседани што ги прави Северна Македонија покажуваат оти таа е против својата евроинтеграција и дека сака да остане на оската Скопје-Белград-Москва“.
Македонската гранична полиција во саботата не им дозволи влез во земјата на бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, како и на Милен Врабески и уште тројца Бугари, кои како и секоја година тргнале да учествуваат на панихидата за починатите на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.
Ваквиот потег наиде на осуда од еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји и од лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер.
Претходно реакција стигна и од партијата на Борисов – ГЕРБ, од каде што соопштија дека за случајот ќе ги известат европските партнери и комесарот за проширување Оливер Вархеји. Од партијата рекоа дека станува збор за недозволиви мерки кои ги спровеле властите во Северна Македонија.
Во саботата реагираа од бугарското Министерство за надворешни работи, од каде што наведоа дека се разочарани од одлуката на властите во Северна Македонија да не им се дозволи влез во земјата на бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреј Ковачев, на претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“, Милен Врабевски, и на уште тројца бугарски државјани.
Македонското МВР викендов потврди дека на петмина бугарски државјани не им бил дозволен влез во земјава бидејќи не ги исполнувале условите според Законот за странци. Во објаснувањето од полицијата се наведува дека лица што ги навредуваат граѓаните и државата немаат право да влезат во земјава.