Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска оствари средба со сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, кој престојува во официјална посета на Македонија.
На средбата присуствуваа и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за правда Кренар Лога, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и амбасадорот на Македонија во Република Австрија, Освит Росоклија, како и сојузната министерка за правда на Австрија, Алма Задиќ и амбасадорот на Австрија во Македонија, Георг Вуцас.
На средбата е нагласено долгогодишното пријателство и одличното ниво на билатералните односи меѓу Македонија и Австрија, како и развиената взаемна соработка во повеќе сектори.
Поддршката на Австрија за евроинтеграцискиот процес на Македонија е континуирана и силна, беше речено на состанокот, со појаснување дека Австрија има цврста определба дека сака побрза интеграција на регионот како дел од ЕУ.
Претседателот Ван дер Белен нагласи дека Австрија и понатаму силно и гласно ќе ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ, потенцирајќи дека земјата се движи во вистински правец и на тој пат е потребен национален консензус. Во однос на претстојниот процес поврзан со уставните измени, Претседателот истакна дека следниот чекор на државата не е лесен, но Македонија може да смета на Австрија како на сигурен партнер на тој пат.
Премиерот Ковачевски му се заблагодари на австрискиот претседател Ван дер Белен за несебичната поддршка и континуираното партнерство со нашата земја во изминатите речиси три децении, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво, особено во Обединетите нации, како и во рамките на ОБСЕ, каде нашата улога е нагласена оваа година, кога Македонија е во улога на претседавач со Организацијата, а чија кандидатура беше поддржана од Австрија.
Заеднички е констатирана улогата на Македонија како фактор на стабилност во регионот и како кредибилен партнер на НАТО и ЕУ, што е особено важно во процесот на обезбедување на напредок на земјата, како и пристапување на земјата во европското семејство на народи.
Премиерот Ковачевски го истакна значењето на Австрија како еден од најголемите странски инвеститори во државава, со констатација дека постои потенцијал за зголемување на нивото на трговската размена, се наведува во соопштението од Владата.