Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска оствари средба со амбасадорот на Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер, на која беше истакнато дека од 2020 година, по средбата на францускиот претседателот Емануел Макрон со поранешниот премиер Зоран Заев, Франција и Македонија испишуваат ново поглавје на соработка кое се рефлектира со првата инвестиција со соларниот парк на компанијата „Акио Енерџи“ вреден преку 270 милиони евра.
Имено, тоа е прва инвестиција од Франција после 12 години и со влегувањето на Француската агенција за развој којашто во партнерство со Развојната банка на Македонија планира значајни инвестициони проекти за поддршка на бизнис секторот, за локалната самоуправа, за граѓанскиот сектор и за други области.
– Премиерот Ковачевски и амбасадорот Бомгартнер изразија подготвеност за исклучителна соработка во наредните месеци на планот на евроинтеграциите на Северна Македонија со цел за време на претседавањето на Франција со ЕУ да биде постигнат видлив напредок кој двете земји ќе ги приближи до остварување на целта да се одржи првата Меѓувладина конференција како почеток на преговорите на нашата земја за членство во Унијата, соопштија од Влада.
Премиерот Ковачевски ги истакнал традиционалните пријателски односи меѓу двете земји кои во поновата историја на Северна Македонија се поврзани со значаен придонес на истакнати личности од политичкиот живот на Франција, како што се Роберт Бадентер, како претседател на Комисијата за поранешна Југославија која во 1990 година потврди дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за независност, како и Ален Ле Роа со својот придонес во постигнувањето на Охридскиот договор.
На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, амбасадорот Бомгартнер му честитал на премиерот Ковачевски за изборот да раководи со Владата и посакал успех во остварувањето на програмските приоритети.