Буџетот за 2024 година е проектиран на 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра, а во 2024 година се очекува да забрза економскиот раст и да изнесува 3,4 отсто во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, откри премиерот Димитар Ковачевски, објави А1он.
– Најголем придонес се очекува да имаат бруто инвестициите од државата. Двигател на растот ќе биде и поддршката на приватниот сектор. Закрепнувањето на трговскитее партнери Германија и ЕУ, позитивно ќе влијае врз растот. Стапката на инфлација се очекува да се стабилизира на 3,6% во услови на стабилно ниво на цени на енергенси и храна. Во 2024 година се очекува раст на бројот на вработени на 2%. Номиналниот раст на платите е проектиран на 8,4 отсто – истакна Ковачевски.
Расходната страна е за 5,8% повисока од 2023 година, додека приходите се проектирани на 310,1 милијарда денари или 5,040 милијарди евра.
– Ваквите планирани раходи и приходи резултираат со намален буџетски дефицит од 150 милиони евра и истиот е проектиран во апсолутен износ од 545 милиони евра или на ниво од 3,4 отсто од планираниот бруто домашен производ – додаде тој.
Во Предлог Буџетот Ковачевски рече дека се планирани сите покачувања на платите, а капиталните расходи се 733 милиони евра и според Ковачевски БУџетот ќе има развојна компонента.