“Вложуваме интензивно во инфраструктурата и во време на светската економска криза, затоа што кога велиме дека градиме европска држава, мислиме на евроинтеграциите, но пред сè на европски квалитет на живот и европски животен стандард за граѓаните, тука дома”, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешниот увид на градежни работи за рехабилитација на делницата Фариш – Прилеп, после превојот Плетвар, каде беше заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми.
Овде на Плетвар, направив увид во градежните работи, и според ова што може да се види, завршува реконструкцијата на делницата Плетвар.
90 проценти од градежните работи на делницата се завршени. Сега се поставуваат сообраќајна сигнализација и банкини. Верувам дека сите овде присутни напорно работат на завршните работи, и затоа ќе си дозволам уште од сега да ве поканам сите вас, на пуштањето во употреба на делницата Плетвар, важна секција во должина од 19 километри која е значајна бидејќи е дел од главниот магистрален пат за цела Пелагонија. Ова е практично е продолжување на новиот експресен пат од Градско до Плетвар, рече премиерот Ковачевски и најави дека за околу месец дена, ќе може да видиме, готов, отворен и функционален пат.
„Оваа делница, но и целиот овој зафат, односно реконструкцијата која се реализира со средства од ЕБОР во вредност од над четири милиони евра, значи модернизација на Коридорот 10-Д и поврзување со Република Грција, кај граничниот премин Меџитлија.Тоа значи и отворени можности за развој на стопанството во целиот пелагониски регион”, објасни премиерот Ковачевски и рече дека ќе продолжи инсистирањето на ефикасност во модернизацијата на инфраструктурата во нашата држава како еден од суштинските услови за нови инвестиции, за нови работни места, за подобар квалитет на живот на граѓаните и за поголема безбедност во сообраќајот, но и за патничко и железничко поврзување какво што доликува на држава којашто ги почна преговорите со Европската Унија.