Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Владата, се сретна со дел од тимот што ја направи првата трансплантација на црн дроб во ноември 2022 година.

За овој историски подвиг во македонското здравство, премиерот им додели благодарница на сите кои учествуваа во овој сложен зафат. На овој свечен настан присуствувше и министерот за здравство Фатмир Меџити.

Ковачевски на почетокот од настанот изрази неизмерна благодарност до семејствата кои во најтешките мигови од животот, одлучуваат да ги донираат органите на нивен близок починат.

„Благородни се тие луѓе, семејства, кога во моменти на најтешка болка и страдање со својата одлука ја враќаат единствената надеж кај друго семејство, кај друг човек, кај пациент. Во период од три години, почнувајќи од 2020 година до јануари годинава, 18 семејства дадоа согласност од нивните блиски да се подарат и трансплантираат органи и подарија живот на десетици пациенти. Ви благодариме!” рече премиерот.

Ковачевски на тимот лекари и медицинскиот персонал им честиташе за успешната трансплантација на срце со што Клиниката за дигестивна хирургија и останатите Клиники и Институти кои беа вклучени во трансплантацијата направи огромен придонес за нашиот здравствен систем.

„ Изминативе три години како држава, како здравствен систем, покажавме дека може да се приближиме кон светските и европските трансплантациски системи. Во период од три години во земјава се донирани 61 орган-беа трансплантирани 8 срца,
32 бубрега, кај 19 пациенти беа трансплантирани коскени ткива, а двајца пациенти добија црн дроб.

Почитувани лекари, анестезиолози, хирурзи, нефролози, неврохирурзи,кардиолози,кардиохирурзи, уролози, ортопеди, трансфузиолози, медицински техничари, негователи, сето ова немаше да се реализира без вашето знаење, искуство и експертиза”, рече претседателот на Влада.

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија и координатор за трансплантацијата на оваа Клиника, проф. д-р Зоран Караџов истакна дека со реализацијата на овој проект нашата држава стана дел од групата земји кај кои се изведува оваа процедура која претставува една од најсофистицираните во областа на трансплантологијата.

„Ние, овој проект го реализиравме сами, без помош од надвор. Покажавме дека можеме, знаеме и умееме. Со голем ентузијазам, голем труд и пожртвувваност на сите оние кои беа вклучени во овој процес. Резултатот е дека во еден кратко период на клиниката за дигестивна хирургија се изведени 2 успешни трансплантации на црн дроб кај возрасни лица”, рече д-р Караџов.

Благодарност за заложбите на Владата и за поддршката изрази и проф. д-р Светозар Антовиќ од Клиниката за дигестивна хирургија.

„Ова денешно признание кое ни го оддава премиерот е многу важно за сите нас, тоа ни влева надеж дека и Владата и премиерот разбираат точно колку голем, огромен успех сме направиле и дека ќе ни бидат достапни за да изградиме систем кој ни е навистина потребен. Многу ми е мило за ова признание не само од личен туку и од професионален аспект и верувам дека така го доживуваат сите на овој тим”, истакна д-р Антовиќ.

На средбата присуствуваше и Драган Белески, пациентот на кого му беше транспортиран црн дроб.

“Сакам да упатам голема благодарност до луѓето на кои им го должам мојот живот. Благодарение на нивната одлука јас сум денеска овде со вас. Со зборови не може да се објасни колку е голема радоста на болен човек кога ќе му се подари живот и кога некој кој ниту го знае ниту го познава ќе го стори тоа.

Сакам да се заблагодарам на сите лекари и медицински персонал кои низ годините се грижеа за мене, бидејќи јас бев нивни долгогодишен пациент и посебна благодарност да упатам до докторите и целиот тим кој ми го трансплантирше црниот дроб.

Благодарам што ми подаривте живот”, истакна Белески.