Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски по повод еден од најголемите верски празници, Курбан Бајрам, упати честитки до поглаварот на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, на членовите на Ријасетот и на муфтиствата, како и на сите припадници на исламската вероисповед.

– Одбележувањето на овој празник, кој е симбол на солидарноста и благосостојбата, е во духот на нашиот вековен соживот кој го градиме со генерации. Празникот Курбан Бајрам сите нас нè потсетува на значењето и големината на споделувањето, љубовта кон блискиот и взаемната почит, се наведува во честитката на премиерот, објавена од владината прес-служба.

Во неа се потенцира дека само заедно и сплотени, можеме да го совладаме секој предизвик и да продолжиме да го негуваме и чуваме нашето општество како едно општество за сите.

Премиерот порача овие празнични денови да поминат во мир, љубов и радост во домовите.

– Нека овој ден нè зближи уште повеќе во нашите заеднички напори за промоција на демократските и европски вредности во духот на мултикултурализмот, по што сме препознатливи во светот. Како што овој празник се одбележува преку сплотеноста на заедничката трпеза во кругот на семејството, роднините и пријателите, така да бидеме сплотени на нашиот пат кон приклучувањето во големото европско семејство, потенцира премиерот.