Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, се сретна со Гордан Грлиќ Радман, хрватскиот министер за надворешни и европски работи при што беше пренесен јасен став дека Хрватска продолжува активно да ги поддржува европските перспективи на Северна Македонија.
Како што соопшти владината прес -служба, оценето е дека почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ е од важност за стабилноста на регионот, а со тоа и за самата Унија. Нагласено е дека нашата држава практикува европски вредности на политички и реформски план и дека долгоочекуваниот исчекор во евроинтеграциите е заслужен и потребен.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата и пријателска поддршка од Република Хрватска на сите значајни, демократски процеси во земјава. Тој, како што се наведува, рече дека Република Северна Македонија продолжува да практикува европски вредности и потенцираше дека ваквата политичка насоченост е значајна и за државава и за регионот и ЕУ.
-Се поставивме целосно на линија на надворешната политика на ЕУ во однос на војната во Украина. Поставени сме принципиелно во развојот на добрососедските односи. Посветени сме на заштита на животниот стандард на граѓаните. Ова се позициите од коишто продолжува да работи Владата“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата е констатирано дека 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска ја бележи плодна соработка во сите сфери од взаемен интерес и дека соработката се унапредува, како на билатерален план, така и како меѓу две држави – членки на НАТО. Во таа насока е разговарано и за одржување заедничка седница меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Хрватска, се наведува во соопштението.