Денес е работен ден во Собранието на Република Македонија и ако имаше барем грам доблест Талат Џафери денес ќе си поднесеше оставка од позицијата Претседател на Собранието. Прво тоа ќе го направеше заради примитивното и вулгарно однесување кое го манифестираше кон вработените кои ги пцуеше и навредуваше. Второ, заради скандалозната средба која ја имал со делегација во која учествувал и чеченски политичар, поранешен пратеник во руската Дума и соработник со режимот во Кремљ, изјави на денешната прес конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека овие два скандали се доволни во Европа да заврши кариера на било кој политичар, а не пак на претседател во Собрание.
– Зарем има друг претседател на Собрание во земја членка на НАТО кој остварува контакти и средби со лица од безбедносен ризик за државата или за стратешките партнери. Одговорот е нема друг освен Џафери. Има ли некој функционер во демократска земја кој навредува вработени и после тоа не понесува одговорност? Одговорот е нема друг освен Џафери. Срамно е што државните институции молчат за скандалот кој го предизвикал Талат Џафери среќавајќи се со безбедносно-интересно лице од Чеченија. Неодговорно е од Ковачевски, Пендаровски и Спасовски да молчат за средбите на нивниот Талат Џафери со лицето кое е основач на здружението „Муслиманите со поддршка за претседателот Путин”. Треба ли некој да ги потсети споменатите дека извршуваат одговорни државни функции и дека со безбедноста на државата не смее да има импровизации, а дека меѓународниот углед се должни да го чуваат, а не да го рушат, појасни Ковачки.
Тој посочи дека заради зачувување на криминалната и анационална коалиција на власт, Ковачевски, Пендаровски и Спасовски се подготвени да го одмолчат, а со тоа и да ги оправдаат скандалите кои секојдневно ги прави Талат Џафери.
– Но Ковачевски и сопартијците очигледно одбраа да се водат од принципот „не сме од овде, ништо не сме виделе и ништо не сме чуле“. Бидејќи го брани Талат Џафери, тогаш и Ковачевски и СДСМ подеднакво ја прифаќаат вината, срамот и одговорноста, а бидејќи СДСМ и ДУИ и нивните функционери заедно крадат, заедно го тормозат народот, заедно го игнорираат очигледното, тогаш и заедно ќе бидат поразени и заедно ќе одговараат, додаде Ковачки.