Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Охрид, се обрати на Првата конференција за патна инфраструктура, искуства, предизвици, перспективи во организација на Здружението за градежништво, индустрија за градежни материјали и неметали, при Стопанската комора на Северна Македонија.
Во продолжение говорот на премиерот Ковачевски:
„На почетокот сакам да се заблагодарам на организаторите, за оваа респектабилна конференција на која ќе се говори за инфраструктурни проекти, изградба на патишта, со кои се промовира економски развој на Република Македонија.
Владата која ја предводам во овој момент е во голем инвестициски циклус, патната инфраструктура ја обновуваме, рехабилитираме, се работи на територија на цела држава.
Пред да дојдам овде бев на увид на рехабилитиран пат-на патниот правец кон Ќафасан-границата со Албанија. Оваа 2023 година го пуштивме во употреба магистралниот пат Куманово-Страцин, со што го завршивме зацртаниот проект за реализација на источниот дел на Коридорот 8 за кој беа потребни децении, за овој пат да биде рехабилитиран, но тоа го направивме оваа година.
Колку влади, колку локални власти се сменија за патна делница од 31 километар да биде рехабилитирана. Но и тоа се случи, сега се вози по нов модерен и безбеден пат на оваа делница. Нашите зборови не се предизборни ветувања, ние не ги потценуваме граѓаните, туку тоа што сме го кажале, го реализираме.
Во моментов се работи на експресниот пат Ранковце–Крива Паланка, каде што со реконструкцијата и проширувањето до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, на источниот крак ќе имаме комплетен патен Коридор 8 каков што никогаш немала нашата држава.
Во тек се рехабилитациите на патните правци Велес-Градско, регионален пат Битола-Меџитлија, Скопје-Блаце, Катланово-Велес, Струмица-Дабиле итн.
Со развојот на патната инфраструктура создаваме можности за поврзување и за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Како претседател на Владата, уште на почетокот од мојот мандат со министрите, директорите, раководителите на јавните претпријатија, на сите вклучени институции во процесите, кога ги разгледувавме можностите и проектите за овие крупни и од витално значење на државата инвестиции, барав без разлика дали станува за локален, регионален, магистрален пат, без разлика дали патот поврзува две населени места, два града, региони, секое метро нов асфалт да го гледаме преку очите на граѓаните, само така ќе ја осознаеме вистинската вредност на патиштата за животот на граѓаните, на стопанството, а тоа ќе ни биде и дополнителен поттик да бидеме ефективни, ефикасни, ажурни и исполнителни во работата.
Владата и покрај сите предизвици кои се исправија пред нас- здравствената, економската и енергетската криза, не се откажа од развојот на патната инфраструктура во Северна Македонија, бидејќи ако се откажевме тоа ќе значеше дека се откажуваме од создавање можности. Денешната глобална светска економија, конкурентниот напредок на секоја држава, наметнува потреба за најефикасно патување и транспорт на стоки и на луѓе. Ако сакаме да имаме подобра поврзаност со соседните земји и главните трговски патишта, квалитетната транспортна инфраструктура е повеќе од потребна. Со тоа го зголемуваме пристапот на Северна Македонија до глобалните пазари и овозможуваме полесен, побезбеден и побрз извоз. Ја поттикнуваме регионалната соработка, ја олеснуваме соработката со соседните земји и го олеснуваме нашето учество на регионалните пазари.
Изминативе 5 години, се вложени преку 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Поставивме темпо на работа и мора да ја оствариме замислената цел. Во последните триесетина години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. Таквото темпо не смее да се повтори. Наша цел е Северна Македонија да има подобри патни врски со соседните европски земји, бидејќи тоа значи и интеграција на државата во регионалните и европските економски мрежи, тоа значи олеснување на прекуграничната трговија и соработка. Затоа со изведбата на Коридорите 8 и 10-д, во следните 4 години ќе се градат по 23 километри автопат годишно.
Со ова ќе овозможиме зголемување на обемот на трговијата и ќе создадеме можност за потенцијално зголемување на извозот. Ќе овозможиме Северна Македонија да стане поатрактивна дестинација за нови странски инвестиции, кои носејќи капитал во нашата држава, ќе отворат и можности за нови вработувања.
Оваа Влада започна еден огромен инфраструктурен проект, најголема капитална инвестиција во историјата на нашата земја Коридорот 8 и Коридорот 10-д. Првиот во должина од 68 километри, со автопат со шест ленти, кој ќе минува од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан. Коридорот 10-д долг 40 километри, кој ќе оди од Прилеп до Битола и ќе има 6 ленти за движење.
Со овие паневропски коридори Северна Македонија станува вистинска крстосница на Балканот, ја позиционира државата на економската и инфраструктурната мапа на Европа.
Со отпочнување на овој проект создадовме можност за вработување на 8.000 работници, со што од една страна ја намалуваме невработеноста, а од друга страна го стимулираме економскиот раст. Во овој проект веќе учествуваат македонски компании. Овој проект носи номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години, тој овозможува и нови можности за нови бизниси, изградба на бензински пумпи, ресторани, хотели, одморалишта и деловни објекти што всушност претставува можност за дополнително отворање на нови работни места за жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од двата Коридора.
Значајно е дека каде што нема коридори и економскиот раст е многу низок. Во нашата држава најмалку развиени се североисточниот и југозападниот регион, а тоа е затоа што историски никогаш немале автопатски делници како што имаме на коридорот 10. Со ова ќе ја смениме и рамномерната економска компонента на нашата држава.
Република Северна Македонија помина еден долг сложен период на политичка и економска агонија и неизвесност. Владата која ја предводам ја движи државата по патот на развојот и напредокот. Нашата Влада е европски ориентирана и тоа носи големи резултати. Продолжувањето по европскиот пат значи влог во развојот на Северна Македонија, влог во нејзиното меѓународно позиционирање, не само во политичка, туку и во економска смисла.
Европската Унија е нашиот најголем финансиски поддржувач. Досега, ЕУ само преку ИПА програмите има инвестирано преку една милијарда евра во нови инфраструктурни проекти во државата. На почетокот од неделата, наша гостинка беше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, говоревме на многу теми, клучна беше Планот за развој на земјите од Западен Балкан.
ЕУ планира да додели 2 милијарди евра во грантови за земјите од Западен Балкан кои ќе повлечат 4 милијарди евра во заеми за стратешки проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните и работењето на компаниите, а секако и инфраструктурата за поврзувањето на земјите од Западен Балкан.
Членството на земјата во ЕУ, значи достапност до фондови за развој, значи можност за јакнење на економиите на помалку развиените земји членки, значи поддршка на проекти за подобра животна средина, проекти за приклучување на трансевропските мрежи во областа на транспортната инфраструктура, значи и правни, институционални, економски реформи, коишто ќе бидат ускладени со правилата и стандардите на Европската Унија.
Стратешката цел-членство на Северна Македонија во ЕУ, мора да ја оствариме. Мораме да овозможиме забрзан развој на Северна Македонија, бидејќи граѓаните го очекуваат тоа, тие заслужуваат да живеат во европска земја со повисок животен стандард.
Како Влада ќе продолжиме во тој смер сите капацитети ќе ги вложиме за побрзо членство на Република Северна Македонија во Европската Унијата.
Ви посакувам плодна дебата на оваа значајна конференција, од која ќе произлезат многу конструктивни идеи и ви благодарам на можноста да ја отворам оваа Конференција, секако пред сѐ на организаторите, на Стопанската комора, на компаниите кои тука учествуваат, на професорите од универзитетите и сите кои се вклучени и институционално и преку компаниите во градењето на инфраструктурата на нашата држава.