Запазени се сите рокови и завршена е втората делница од експресниот пат Дреново- Фариш на патот Прилеп-Градско, констатираа при денешниот увид на работите премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик- директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Благојче Трпевски. Тунелот Фариш кој беше еден од најтешките делови на оваа траса е со две цевки, од кои едната е целосно пробиена, а на другата цевка градежните работи течат со предвиденото темпо.

Според премиерот Ковачевски, Македонија денес е во голем инвестициски циклус и целта на Владата е патната инфраструктура во државава да ја подигне на значително повисоко ниво, бидејќи инвестирајќи во патиштата, автопатите, делниците, во експресните патишта, се инвестира во развој на економијата во земјава.

-Со голема динамика се гради експресниот пат кон Прилеп, кој е од голема важност за граѓаните на Пелагонискиот Регион, но и за цела држава. Втората делница од овој експресен пат е половина завршена, досега сите рокови се запазени. Тунелот Фариш кој беше еден од најтешките делови на оваа траса е со две цевки, од кои едната е целосно пробиена, а на другата цевка градежните работи течат со предвиденото темпо.

Повеќе граѓаните нема да чекаат со децении, затоа ги дефиниравме најзначајните инфраструктурни проекти, за кои ќе инсистирам да се завршат во дадениот рок. Патната инфраструктура ја поврзува Северна Македонија и со регионот, а со тоа се создава основа за забрзан економски развој на земјата, рече Ковачевски.
Надминати се сите проблеми со автопатот Кичево-Охрид и сега градежните активности се одвиваат со несмалено темпо, се градат и автопатите Скопје – Блаце, Гостивар – Кичево, Тетово – Гостивар, Требениште – Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и, според премиерот Ковачевски, сета оваа патна инфраструктура ја прави Северна Македонија да е регионално поврзана.

– Граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките од новата патна инфраструктура, на експресните патишта: Штип – Радовиш, завршена е првата фаза од патот Штип – Крупиште. Во овој момент активно тече изградбата на експресните патишта и Градско – Дреново, Крупиште – Кочани, Ранковце – Крива Паланка. Мојата заложба како премиер е Северна Македонија да биде инфраструктурно поврзана со модерни патишта со цел регион, тоа значи стабилност, тоа значи економски напредок, а само така ќе има квалитетен живот за сите граѓани, изјави Ковачевски при денешниот увид на работите на експресниот пат Дреново-Фариш.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски потсети дека во моментов се градат три експресни патишта: Градско-Прилеп, Ранковце-Крива Паланка и од Крупиште во Кочани. со што се зголемува безбедноста во сообраќајот.

-Пред неколку месеци бевме овде на пробивање на левата тунелска цевка на тунелот Фариш. Денеска сме исто присутни на пробивање на десната тунелска цевка. Тоа значи дека градежните работи се одвиваат одлично. Пет од вкупно 10 километри од патот е веќе асфалтиран со прв слој асфалт, се гради со посакувана динамика и сме на половина да го завршиме целосно овој проект, рече Бочварски.

Вредноста за изградба на втората делница од Дреново до Фариш изнесува повеќе од 33 милиони евра, а само за изведбата на тунелот се инвестирани 5,7 милиони евра.

Интензивно се работи на делницата Градско-Дреново, а рехабилитиран е патот на Плетвар.

-Разбирам колку овој пат има огромно значење за граѓаните од Пелагонискиот регион, но и за сите кои патуваат во овој дел од земјата. Сакам да ги уверам сите, дека работиме упорно на сите овие проекти за да создадеме услови за модерен и безбеден собраќај и развој на Пелагонискиот регион, рече Бочварски.

Бочварски најави дека до крајот на декември ќе се избере изведувач за рехабилитацијата на улицата „Леце Котески“, на влезот во Прилеп од Крушево. Министерството за транспорт и врски ќе инвестира еден милион евра.