Секое нејзино тело од месните одбори па се до највисоките органи ќе има своја јасна улога и придонес во спроведувањето на политиките. СДСМ мора и ќе биде силна, организирана, со јасно поставена партиска хиерархија доколку сакаме да постигнеме ефикасно работење, порача новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски по завршување на вчерашната седница на Централниот одбор на СДСМ, каде тој ја доби довербата да биде мандатар на новата влада.
– За мене е огромна чест и одговорност што денес од ЦО на СДСМ ја добив довербата да бидам мандатар на идната влада! Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работам за да ја оправдам довербата, вели Ковачевски.
Миле Зечевиќ е избран за генерален секретар, на местото на Љупчо Николовски, Бојан Маричиќ е избран за секретар за меѓународна соработка, додека Вангел Андрески, поранешен директор на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ е на функција на организациски секретар.
Ковачевски најави дека е формиран Совет за креирање и имплементација на политики, а за претседател е избран проф. д-р Игор Ивановски поранешен пратеник, поранешен претседател на СДММ, потпретседател на СДСМ и генерален секретар на СДСМ. Советот ќе има за цел да функционира како помошно тело за поддршка на претседателот на СДСМ и органите на Партијата, да ги интегрира и мобилизира целиот човечки капитал во и надвор од партијата. Ова советодавно тело ќе креира политики и стратегии, но и ќе ја следи и забрзува имплементацијата и реализацијата на проектите.
Од поранешниот состав, на потпретседателска функција во СДСМ останува вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Новите потпретседатели на СДСМ се Стефан Богоев, поранешен градоначалник на Општина Карпош, Перо Костадиновски, градоначалник на Валандово и пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска. Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, исто така го продолжува мандатот кој и го има со изборот на Конгрес.
Во Извршниот одбор на СДСМ членуваат Ана Данева-Маркова, Мишко Ралев, Нина Фити-Неделковска, Снежана Захариева, Даниела Колева, Милена Стефановиќ, Костадин Костадинов, Рената Јајовска, Мелиса Ценовска, Петре Шилегов, Дритан Исмаили, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Андреј Петров, Ивона Кузмановиќ, Костадин Ацевски, Никола Рилак.
Претходно, вчера во текот на денот оставка од потпретседателската функција во партијата даде министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Оставка на функцијата генерален секретар на СДСМ вчера поднесе и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.
Во меѓувреме, откако во четвртокот Собранието ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, тече рокот од десет дена во кој претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада, и тоа, откако во СДСМ беше потврден новиот мандатар, би требало да се случи деновиве. Формирањето пак на новата влада Ковачевски го најави за средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари.
Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.
– Првата задача која ја има новото раководство е да состави нова влада и силно да се посветиме на спроведување на владината програмата и политиките. Јас сум оптимист дека новата Влада предводена од СДСМ ќе ја избереме на средината од следниот месец, до 18 јануари. Пред новата Влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија, изјави Ковачевски на вчерашната прес-конференција.
Според него, само со стабилна влада можат да се надминат овие предизвици. Во моментов се работи на програмата што, како што изјави Ковачевски ги содржи најдобрите проекти и предлози на СДСМ и коалициските партнери.
– Веднаш потоа треба се посветиме и на ефикасна реализација, бидејќи што поефикасно работиме и го почитуваме заемниот договор, постабилна ќе биде владата. Новата влада ќе стави силен фокус на економијата но ефикасна реализација на програмата и капиталните инвестиции. Насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува, додаде претседателот на СДСМ.
Реформите и промените во политичката партија СДСМ доаѓаат по оставката на поранешниот претседател на партијата и премиер, Зоран Заев. По завршувањето на вториот круг од локалните избори на 31 октомври оваа година, Заев ја презема одговорноста за лошите резултати. На 23 декември, Собранието ја констатираше оставката од премиерската функција. Тој ја презема премиерската функција на 31 мај 2017 година, а вториот мандат го освои на 15 јули минатата година.