Под мотото „Непокор и слобода” денеска на Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ во Куманово се одржа централната манифестација на прославата на 11 Октомври – Денот на народното востание. На 82-годишнината од почетокот на антифашистичката борба, премиерот Димитар Ковачевски потсети дека нашата земја секогаш била на вистинската страна на историјата, па и за време на Втората светска војна, кога застанала меѓу прогресивните антифашистички сили.
„И денес сме рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот. И имаме обврска да останеме на европскиот пат и фокусирани на европските вредности во името на сè што е постигнато со македонскиот непокор до денес. И со којшто, уверен сум, ќе ги обезбедиме и нашите европски перспективи, реформирајќи го нашиот вековен македонски државен капацитет, во врвен европски капацитет кој ќе покаже дека дента кога ќе влеземе во ЕУ, нашата држава ќе биде најбрзо растечка економија во Унијата. Ако некој мисли дека покрај големото, драгоцено историско искуство, може, со било што, да ја разниша самодовербата на македонскиот народ, наметнувајќи му чувство на жртва, ставајќи го во улога на постојано онеправден и зависен од волјата на други и во изолација, сакам да порачам дека многу згрешил во проценките. Неправди имало и ќе има и тоа насекаде во светот. Но, македонскиот народ, сите граѓани на нашата држава, секогаш по слободна волја избирал непокор. И никогаш не сме дозволиле перспективите на државата да зависат од други. Преземал акција, по цена на какви било жртви. И успевал“, кажа Ковачевски во говорот.
На прославата се обрати и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој ги повика политичарите заеднички и сплотени да работат на развојот на држава, носејќи важни и неопходни одлуки, кои ќе ни донесат стабилност, сигурност и влез во Европската Унија.
Владината делегација ја предводеше премиерот Димитар Ковачевски, а во состав на делегацијата беа министрите Артан Груби, Оливер Спасовски, Бисера Костадиновска Стојчевска и Азир Алиу.
Извор: Sdk.mk