Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на неговата работна посета и учество на Економскиот форум Делфи во Грција, одржа средба со својот косовски колега, Албин Курти.
Како што соопшти владината прес-служба, двајцата премиери ги оценија врските меѓу двете земји како исклучително добри и разговараа за дополнително интензивирање на соработката, за јакнење на економската соработка и за негување на добрососедски односи.
На средбата беше оценето дека заедничката седница на Владите на двете земји предвидена да се одржи во јуни годинава е дополнителен поттик за натамошно унапредување на билатералните односи и соработка.
Ковачевски и Курти нотираа дека владите на земјите од Западен Балкан е неопходно да креираат кохерентни и конзистентни политики со кои ќе се зголемува конкурентноста на регионот, во насока на подобрување на условите за живот и создавање на повисок животен стандард за сите граѓани.
За Северна Македонија, Косово е меѓу најважните трговски партнери, а интензивирањето на соработката придонесува за стабилноста на целиот регион.
Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека Северна Македонија останува силен поддржувач на евро-атлантските аспирации на Косово и е подготвена во таа насока да ги пренесе искуствата во сите области за кои Република Косово ќе искаже интерес на нејзиниот пат до членство во ЕУ и НАТО.