Членството на Западен Балкан во Европската Унија е прашање на гео-политичка одржливост за самата ЕУ во време и во околностите предизвикани со руската инвазија на Украина, истакна претседателот на Република Латвија Егилс Левиц на средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.

На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и министерката за одбрана Славјанка Петровска, беше нагласено дека од воспоставувањето на дипломатските односи пред 26 години, двете земји негуваат исклучително пријателски и блиски односи со силен фокус на динамизирање на политичкиот дијалог и на трговската размена.

Премиерот Ковачевски во разговорот со претседателот Левиц потенцираше дека високо го цени ставот на Латвија дека е од витално значење да се продолжи со процесот на евроинтеграција на Северна Македонија со одржување на Меѓувладина конференција што е можно поскоро и дека прашањата со Бугарија треба да се решат по пат на дијалог и разбирање, надвор од пристапниот процес.

Тема на средбата беше и војната во Украина за која беше истакнато дека е брутално кршење на меѓународното право и неиспровоцирана воена агресија на Русија врз една суверена држава и дека дипломатијата и дијалогот се неопходни за запирање на воените дејствија.