Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со Јарослав Лудва, новоименуван амбасадор на Чешката Република во  Македонија.

На состанокот е пренесено дека Чешката Република го поддржува европскиот пат на Република  Македонија и дека нашата држава ќе ја има и понатаму поддршката, посебно што Чешката Република ќе претседава со Советот на ЕУ од 1 јули оваа година, соопшти владината прес-служба.

Оценето е дека Македонија има геостратешко значење и оти Европа е безбедна со интеграција на нашата држава и на целиот регион во ЕУ.

Премиерот Ковачевски, наведуават од Владата, порача дека Чешката Република е вреден партнер на Северна Македонија и значаен поддржувач на европските перспективи, како стратешка цел на земјава, по членството во НАТО.

– Се определивме да работиме низ отворена и чесна комуникација во дијалогот со Република Бугарија. Новата енергија во разговорите е препознаена и во државите и во ЕУ. Продолжуваме да работиме исклучиво по принципот на почитување на другиот, на сочувување на достоинството на граѓаните на двете држави и во духот на европските вредности, рече премиерот Ковачевски.

На средбата е оценето дека иницијативата Отворен Балкан, како еден од чекорите кон ЕУ, води кон унапредување на односите помеѓу државите во регионот, при што е споделено искуството на Вишеградската група, односно бенефитите од воспоставувањето добра регионална соработка.

На состанокот заеднички е констатирано дека постојат можности за унапредување на добрата соработка меѓу  Македонија и Чешката Република во повеќе области, како што се економијата и одбраната, а премиерот Ковачевски изрази благодарност за поддршката од Чешката Република во рамки на европската гранична служба Фронтекс.