Премиерот Димитар Ковачевски смета дека е небулоза тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека работната група за уставни амандмани разговара и за бинационална држава, пренесе А1он.
– Промената на Преамбулата за 3.500 граѓани кои се определуваат како Бугари ќе се случи и ќе продолжиме со преговорите со ЕУ. Небулоза е тврдењето на Мицкоски дека ќе имаме бинационална држава. Тие избори добија на прашањето на кантонизација кога имаше територијална распределба.
Ова е најновата во низата лаги, работната група ќе прави измени само за внесување на Бугарите. Кога сите факти ќе ве побијат, може само да измислувате небулози кои ќе шират страв кај граѓаните – истакна премиерот при пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово – Страцин.
Во однос на на договорот со „Бехтел и Енка“, премиерот рече дека договорите се доставени до Јавното обвинителство, до Антикорупциска комисија, а веќе е испратено е писмо до Собранието до соодветна комисија која ќе избере пратеници кои ќе го разгледуваат договорот.
– Очекувам поддршка во Собранието за законите, нашите граѓани заслужуваат патишта по кои ќе возат сигурно и брзо – порача Ковачевски.