Премиерот Димитар Ковачевски повика на мирно и достоинствено чествување на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Тој упати и апел до сите организации кои имаат намера да провоцираат на утрешното одбележување.
„Сите оние патриотски здруженија, коишто сакаат овој настан да го искористат за провокации, исто како што во изминатиот период имавме провокации од поединци и од групи, само со цел да се нарушат односите и атмосферата во државата и односите со соседни држави, треба да се воздржат и да не користат вакви настани за да креираат несакани ефекти во нашето општество“, рече Ковачевски.
Претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека полицијата спроведува разговори со одредени лица кои најавиле присуство на гробот на Гоце Делчев и порача да внимаваат да не бидат злоупотребени, бидејќи потоа, како што додаде, сами ќе се справуваат со одговорноста.
Во меѓувреме, апел до своите членови упати и Македонскиот полициски синдикат. Оттаму ги повикаа припадниците на безбедносните служби да не потпаѓаат под партиски влијанија.
„Истовремено ги повикуваме политичките партии и нивните локални преставници како и сите други радикални групации да не ги заплашуваат нашите членови и воопшто сите вработени во безбедносните служби, бидејќи времето на закани и уцени е едно минато време и никој повеќе не може да ги заплашува преставниците на синдикатот и безбедносните служби“, рекоа од полицискиот синдикат.
Инаку премиерот Ковачевски рече дека утре во црквата „Свети Спас“ е добредојден секој што сака да положи цвеќе и полицијата тоа ќе го овозможи. Сепак можно е да има исклучоци.
„Сите оние коишто се недобронамерни, коишто се провокатори, коишто го негираат македонскиот јазик, коишто ја негираат македонската држава, коишто ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани, тие нема да влезат во државата“, рече Ковачевски.
Премиерот утре ќе ја предводи владината делегација, а цвеќе ќе положи и претседателот Стево Пендаровски. Присуство најави и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Според последните информации на Ковачевски, нема најава за присуство на делегација од официјална Софија.