Претседателот Стево Пендаровски ќе ги чека конечните верзии на пакетот закони поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д, по што во консултација со неговиот правен тим ќе одлучи дали ќе ги потпише. Тој истакнува дека не прима совети од никого, а најмалку од политички партии.

– Кога ќе ги донесат законите во конечна верзија и кога ќе ги изгласаат во Парламентот, тогаш ќе седнеме со мојот правен тим и ќе видиме дали има основа за такво нешто. Инаку, во однос на потпишувањето укази за важење на законите, обично не примам совети од никого, а најмалку од политички партии, вели Пендаровски.

Премерот Димитар Ковачевски на иста линија со неговиот заменик, првиот вицепремиер Артан Груби, дека не крие ништо, а договорот со „Бехтел и Енка“ не може да се објави јавно затоа што е со степен на доверливост. Тој објасни дека договорот можат да го добијат на увид одредени институции, како и Јавното обвинителство, ако го побараат. Ковачевски ги повика владите на САД и на Турција да одговорат, како што рече: „дали од нив или од нивни компании во изминатите две години некој нешто барал од оваа држава во однос на овој проект“.

– Тоа се однесува и на други договори при изведбени и проектантски проекти. Никој ништо не крие од никого, рече Ковачевски, посочувајќи дека во државава се работи врз основа на закон и Устав и демантира дека има пенали за државата поврзани со овој договор.

Коментирајќи го тоа доколку се усвои од пратениците да се овозможи само за ваков тип на проект од стратешко и национално значење да има 60-часовна работна недела, според Ковачевски тоа ќе значи дека проектот ќе трае и ќе чини помалку.

– Доколку остане како сега со 40-часовна работна недела, иако сега има некои сектори што работат во недела и тоа е платено, тоа значи дека ќе трае подолго и плус ќе се плати повеќе работна сила што ќе биде донесена од странство, рече Ковачевски.

– Специјалниот закон е предложен од пратениците и е донесен без некој да биде против и сите постапки понатаму се правени во согласност со тој закон. Сметам дека пратениците имаат доволно знаење, искуство и визија за да донесат законски решенија кои ќе обезбедат побрзо и поефикасно работење на компаниите проектанти и изведувачи на проектот за конечно нашата држава добие Коридор 8 и Коридор 10д, како што заслужуваат граѓаните, а како што ги немала досега државата, рече Ковачевски.

Премиерот потсети и дека според Договорот, „Бехтел и Енка“ треба да користи 51 процент ресурси од државата, а остатокот ќе биде од странство.

– Се работи за голема корпорација која ги има завршено своите проекти во регионот, а имаат проекти и надвор од регионот. Тие имаат на располагање и работници и механизација што ќе ја донесат од странство, но ќе ја користат доминантно и механизацијата што е на располагање од државата, нормално под комерцијални услови, рече Ковачевски.

Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) предложените измени на Законот за работните односи со кои се предлага воведување прекувремена работа подолга од досега предвидената ги отфрла како срамни прекршувања на работничките права и воведување експлоататорски односи спротивни на Уставот.

–Тоа е насилничко однесување кое власта без запирање го наметнува во македонскиот парламент. Со непочитување и угнетување на работничките права кои се уставно гарантирани власта работи против правниот поредок и сопствената држава, велат оттаму.

Социјалистичката партија на Македонија бара веднаш да се повлече овој катастрофален предлог-закон кој всушност претставува воведување на робовски труд и безгранично експлоатирање што е незамисливо во 21 век.