Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со Архиепископот Охридски и Македонски и поглавар Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан.

Како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски на средбата упати честитки за одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија со која Македонската православна црква – Охридска архиепископија се прима во евхаристичко заедништво со останатите православни цркви.

Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на Македонската Православна Црква, наследничка на древната Охридска архиепископија.

Со оваа одлука на Вселенската патријаршија, беше потенцирано на средбата, архијереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со останатите православни цркви.

Премиерот посочи и дека оваа историска одлука е донесена кога оваа генерација архијереи раководи со МПЦ-ОА и со православното свештенство, монаштво и со православниот народ и дека е донесена со интензивна комуникација со Вселенската Патријаршија во последните четири години, во која, рече, со свој придонес учествуваа и претставници на Владата на Северна Македонија.

Во таа насока беше и писмото на премиерот Ковачевски на почетокот на неговиот мандат до патријархот на Цариградската Патријаршија, неговата светост Вартоломеј, во кое тој уште еднаш повика Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија да биде примена во евхаристичко единство со Мајката Црква како решение на ова долгогодишно црковно прашање во нашата земја.