Решението до кое ќе се дојде во разговорите со Бугарија мора да биде доистоинствено и само така ќе има решение. Се додека немаме такво решение на маса, нема да има решение. Имаме Декларација во Собранието која е усвоена од сите политички партии и од власта и од опозицијата, и тоа само покажува дека Собранието е место каде што треба да се носат стратешки одлуки за државата, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски во Дневникот на ТВ Сител потсети дека со Бугарија отворивме широк дијалог на соработка во различни области и дека се унапредени односите во тие области и релаксирани се односите во однос на реториката и во однос на ориентацијата на разговорите.
– Меѓутоа, и тогаш се знаеше дека се додека сме поблизу до решение се посилни ќе бидат оние гласови што се против такво решение, а Западен Балкан е таков регион во којшто секогаш и трети држави имаат интерес проблемите да остануваат нерешени, да има замрзнати конфликти, што ќе претставуваат основа за натамошно отежнување на животот на луѓето и за различни геостратешки интереси, рече Ковачевски.
Според него, проширувањето на ЕУ во овој момент не е само политичко и економско прашање туку пртеставува и безбедносно прашање и затоа Унијата, како што рече, треба да биде на ниво на својата задача и час поскоро треба да започнат преговорите со Македонија и Албанија.
Премиерот исто така потврди дека ЕУ ќе остане главна стратешка цел и определба и доколку остане бугарското вето после јуни.
– Уште на почетокот на својот мандант во врска со прашањето со Бугарија ниту еднаш не се врзував со датуми, ниту пак кажав кога треба да биде донесено решение, кажав дека ни е потребно брзо решение, а не избрзано. Јунскиот самит ниту еднаш од моја страна не бил споменат како пресвртна точка, рече Ковачевски.
Прашан да ја искоментира изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека јуни е пресвртна точка и веројатно последна шанса земјава да ги почне преговорите, Ковачевски рече дека секој процес што трае предолго, постои опасност да биде изгубена довербата во него.
– Да не заборавиме ние 17 години сме земја со кандидатски статус за членство во ЕУ, веќе имаме четири последователни позитивни извештаи од страна на ЕК, ние како држава и како граѓани имаме направено многу за да дојдеме до датумот за почеток на преговорите, имаме донесено тешки одлуки кои се исправни и стратешки одлуки, и ЕУ има обврска да го исполни своето ветување за отворање на пристапни преговори со Македонија. Знаеме дека одлуките се носат со консензус што значи сите земји-членки треба да ја одобрат и договорат преговарачата рамка, за секоја држава така и за Македонија. Секогаш сум изразувал надеж дека тоа ќе се случи што поскоро, и дека Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ, рече Ковачевски.
Потсети дека државава веќе има усогласено 45 проценти од нашето законодавство со тоа на ЕУ, речиси 80 проценти од нашата трговска размена е со ЕУ, странските директни инвестиции кај нас во најголем дел се од земјите од ЕУ, како и тоа дека најголемиот дел од размената на работна сила што ја имаме е со ЕУ и оти тоа е наша стратешка определба што ја имаме 30 години ќе остане единствена стратешка определба на државава и оти тоа е е единствената алтернатива за држава која внатре ги негува европските вредности.
– Разговорите со Бугарија ќе продолжат и тие мора да се базираат на европски вредности, на меѓусебна почит меѓу политичарите, меѓу институциите, и мора да се базираат на принципот на задржување на достоинството. Доколку се придржуваме до тие вредности и доколкку се придржуваме до принципите на почит и на достоинство, тогаш верувам дека на таква основа може да се дојде до решение што ќе претставува фундамент за добри меѓусоседски односи но и за брз напредок во преговорите со ЕУ и полноправно членство, истакна Ковачевски.