Премиерот Димитар Ковачевски не очекува зголемување на цената на електричната енергија.
– Цената на електричната енергија ја дефинира Регулаторната комисија за енергетика. Јас не очекувам ценовен шок, истото го кажав и пред сега веќе претпоследното определување на цената на струјата. Тогаш сите велеа дека ќе има зголемување на цената на струјата од 30 до 60 проценти. Тоа беа истите тие кои беа експерти за корона, а потоа станаа експерти за енергетика, сега се експерти за уставни измени. Тоа се истите скептици, истите критизери кои единствено сакаат да внесат немир и дезинфомации кај граѓаните, изјави Ковачевски по денешната посета на компанијата за производство на фина картонска амбалажа „Еврос Комерц“ во Старо Нагоричане.
Посочи дека во Буџетот има финансиски средства за антикризни мерки со кои ќе биде помогната ЕСМ.
Во однос на воведувањето на дневната евтина тарифа, Ковачевски рече дека одлуката ја носи РКЕ и дека за тој процес на ЕВН му е потребно време за да ги намести броилата во домаќинствата.
– Ако биде донесена таква одлука, бидејќи не можам да зборувам во име на Регулаторната комисија за енергетика, тогаш сигурно на ЕВН ќе му биде потребен опреден временски период за да тоа го воведе во сите броила на домаќинствата, рече Ковачевски.
Додаде дека се води сметка и за цената на електричната енергија за малите компании со цел таа да биде на ниво одржливо за нивното производство.
До ЕВН Хоме како универзален снабдувач понуда достави АД ЕСМ. Цената што ја понудила ЕСМ е 53 евра за мегават електрична енергија.