Премиерот Димитар Ковачевски информира дека веќе се подготвува документација за отворање македонски културен центар во Благоевград и најави дека барање за тоа ќе биде испратено до бугарската Влада.
На новинарско прашање Ковачевски денеска рече дека во недела, за кога е најавено отворањето на клубот во Бугарија, ќе биде во Скопје. Порача отворањето вакви клубови да биде во насока на зближување, а не на раздор.
-Во недела јас ќе бидам во Скопје, меѓутоа во Министерството за култура и во Владата, бидејќи јас тоа го најавив, веќе ја подготвуваме документацијата за отворање македонски културен центар во Благоевград и тоа барање ќе биде испратено до бугарската Влада. Знаете дека имаме македонски културен центар во Софија и како што кажавме исто така ќе имаме отворање на македонски културен центар во Благоевград коешто барање ќе го испратиме, рече Ковачевски, по промоцијата на нова инвестиција во ТИРЗ Скопје.
Тој повика на присуство на отворањето на центарот од сите кои имаат можност, но порача при вакви активности да се внимава за чувствата на граѓаните.
-Верувам дека отворањето културни центри помеѓу државите е начин на кој се зближуваат и како држави и како институции и како граѓани, и сметам дека сите оние кои имаат можност, особено тоа се однесува на граѓаните на Благоевград и на пограничните места, треба да присуствуваат на такви настани бидејќи мислам дека тоа ги зближува граѓаните, изјави Ковачевски.
При отворањето на културните центри, дополни, треба да се внимава за чувствата на граѓаните, тука пред се, мислам на она што се случуваше кај нас во државата и на тој начин тие да не станат место на раздор, туку за зближување на граѓаните, како во нашата земја, така и помеѓу граѓаните на соседните држави.
-Такви беа и нашите официјални реакции од Министерството за надворешни работи кои ги испратија во однос на одредени провокации што ги имаше од страна на една од нашите соседни држави каде што и јас лично бев напаѓан од луѓе кои јас лично не ги знам кои се, меѓутоа, исто така, кога ја видов и официјалната реакција на бугарските институции сепак и тие имаа осуда во однос на наративот што сакаат да го креираат одредени лица, што воопшто не одговара ниту на европската иднина на нашата држава, ниту на европската позиција на нивната држава, ниту на европската иднина на регионот, рече премиерот Ковачевски.