Буџетот за 2023 година е мој прв буџет како премиер и лично ќе се залагам да покаже резултати, да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата, порачува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Ковачевски вели дека Предлог-буџетот не само што е реален, туку е и рационален и скроен да одговори на предизвиците поврзани со енергетската криза.

– Ние денес не живееме во благосостојба, туку во глобална криза и ни престои уште една тешка и кризна година. Од овој буџет јас очекувам резултати. И ќе инсистирам да ги има, вели Ковачевски.

Верува дека ќе има успешна реализација на капиталните расходи, а ваквиот став го темели на фактот што во последните две години, реализацијата е околу 80 проценти, а годинава над 60 проценти и се очекува реализацијата да забрза во последниве месеци од годината.

Додава дека во Предлог-буџетот, којшто треба да се донесе до крајот на овој месец, има огромни заштеди од кратењето на непродуктивните трошења кои се во висина над 220 милиони денари.

– Овде влегуваат околу 80 милиони денари за патните трошоци. Ставката за поправка и одржување е намалена за 48 милиони денари, набавката на нови возила е намалена за над 33 милиони денари, како и за останати расходи и репрезентации, која исто така е намалена за над 62 милиони денари, подвлекува премиерот.

За препораките за штедење на државните институции, Ковачевски појаснува дека целта е да се намалат трошоците, но притоа да не се наруши нормалното функционирање на институциите.

Во интервјуто, премиерот открива и дали Владата се откажува од прогресивното оданочување, а зборува и за инфлацијата и за новиот модел за субвенционирање во земјоделството. Меѓу другото, се осврнува и на евроинтегративниот процес на земјава и уставните измени.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Предлог-буџетот за 2023 година треба да се донесе до крајот на годинава. Ова е трета година по ред како Владата предлага буџет во услови на криза. Колку еден ваков обемен буџет е реален и може да одговори на предизвиците со кои се соочува земјава – справување со предизвиците од глобалната енергетска криза и ублажување на инфлацијата?

– Изминатите три години светот се соочува со крупни економски проблеми. Точна е и вашата констатација, декa трета година по ред Владата предлага буџет во услови на глобална економска криза.

Во таа насока, буџетот за 2023 година има специфична задача. Од една страна тој треба да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, додека од друга треба да постави основа за економско заздравување, а потоа и забрзување на економскиот раст. Истовремено, Предлог-буџетот за 2023 година е во линија со нашата определба за фискална консолидација, а во насока на обезбедување фискална одржливост. Да бидам поконкретен, овој Предлог-буџет треба да обезбеди: сигурност и стабилност и основа за понатамошен забрзан економски раст.

Фокусот на овој Предлог-буџет е во неколку столба и тоа: справување со последиците од кризата и поддршка на најранливите, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на процесот на ЕУ интеграции, како и транспарентност и отчетност кои ќе се постигнат преку покажани резултати и имплементација на буџетот.

Буџетот не само што е реален, туку е и рационален, скроен да одговори на предизвиците поврзани со енергетската криза, да се врши редовна исплата на плати, пензии, социјални надоместоци. Докажавме дека сите обврски непречено и навремено се сервисираат, што е неопходно за функционалност на државата во услови на најголемата светска енергетска криза.

Планирани се повеќе средства за повисоки пензии, за поттикнување на приносите и производството во земјоделството, за усогласување на платите со минималната, но и за развој на економијата преку инвестиции во инфраструктурата и поддршка на приватниот сектор. Обезбедени се средства и за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост. Предвидени се и зголемувањата на платите во образованието.

Гледано во износи, Предлог-буџетот за 2023 година има за цел да одговори на тековната криза, со 250 милиони евра директно наменети за справување со истата. Но, тој има за цел и да ја стимулира економијата, за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5 проценти економски раст.

За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени. За плати во јавна администрација во 2023 година се планирани 570 милиони евра.

За здравството како систем се планирани 685 милиони евра. Дополнително планирани се 433.9 милиони евра поддршка за општините, како и 800 милиони евра за капитални инвестиции. Во оваа криза никој нема да биде оставен сам, државата е тука за да обезбеди функционален систем, за сите граѓани.

Капиталните расходи се ставка во буџетот која во изминатите години не можеме да кажеме дека имала успешна реализација. Ветувате дека сега ќе има успешна реализација. На што ја темелите ваквата ваша претпоставка?

– Реализацијата на капиталните расходи во последните две години, достигнува околу 80 проценти, што во основа е помеѓу подобрите реализации на проекцијата за капиталните расходи во изминатите години.

Но, исто така, значајно е дека и сумата како апсолутна бројка расте. Така, реализацијата се движи од 17 милијарди денари во 2016 година и достигнува 23,4 милијарди денари во 2021 година, а со ребалансот за 2022 година се предвидени 32,2 милијарди денари. Реализацијата на капиталните расходи во 2022 година е над 60 проценти, а со оглед на практиката во последните месеци од годината реализацијата да забрза, истото го очекуваме и оваа година.

Буџетот за 2023 година е креиран согласно златното правило во јавните финансии, што значи дека расходите за капитални инвестиции се на повисоко ниво од дефицитот. Тоа ја покажува развојната компонента на буџетот и нашата определба за забрзување на економскиот раст на среден рок. Во 2023 продолжуваме со инфраструктурни проекти кои ќе нѐ поврзат и внатре во земјата, и со регионот но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компаниите и бизнисот. Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, изградба на социјални станови, продолжуваме со проектот за гасификација на државата. Комплетно е завршен гасоводот од влезот на интерконекторот од Бугарија до Битола.

Исто така, продолжуваме со капитални инвестиции во земјоделството со кои обезбедуваме пред сѐ зголемено домашно производство на храна, поддршка за земјоделците како и поддршка за модернизација на земјоделството. Преземаме конкретни чекори за да ги решиме суштинските прашања кои ќе ни овозможат да капитализираме од развојниот потенцијал во оваа област на среден и долгорочен план, носејќи им просперитет на нашите земјоделци.

Буџетот предвидува продолжување на имплементацијата на интензивниот инвестициски циклус во енергетскиот сектор кој треба да обезбеди зголемување на вкупниот енергетски потенцијал. Особено внимание се посветува на транзицијата кон обновливи извори на енергија како и на енергетската безбедност и енергетската ефикасност на земјата. Заштитата на животната средина е исто така приоритет со новиот буџет. Изградба на пречистителни станици, канализациони мрежи како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во источниот и североисточниот регион се дел од планираните инвестиции во овој сектор. Секако, тука се и инвестициите во здравството и образованието.

Во однос на следењето на успешноста на реализицијата на капиталните инвестиции, пред две години го воведовме КАПЕФ механизмот. Тоа подразбира институциите што реализираат инвестиции добиваат повеќе средства, додека на оние што не ги исполнуваат поставените критериуми им се одземаат средствата од тие ставки.

Исто така, новина којашто е во насока на забрзување на реализацијата на проектите и е предвидена согласно новиот Закон за буџети е воведување нова организациона единица за оцена на инвестициите, во рамки на Министерството за финансии – ПИМА.

Сите буџетски корисници при подготовка на буџетот ќе треба да достават предфизибилити или физибилити студија до Министерството за финансии за сите нови предлози за поголеми инвестиции. На ниво на Влада е предвидено да дејствува и Управен комитет кој ќе го утврдува приоритетот на проектите за финансирање. Со Планот за забрзан раст предвидуваме спроведувањето на проектите да го вршат постојните единици за спроведување проекти – ЕСП (PIU), а може да се воспостават и дополнителни единици за спроведување одредени нови проекти. Проектите од највисок приоритет ќе бидат помогнати од страна на Единицата за координација на инфраструктурни проекти, при што единиците за спроведување проекти ќе имаат поддршка од неа преку заедничко решавање на прашањата во врска со одредени предизвици. Единицата на највисоко ниво, ќе ме известува како претседател на Владата и ќе се врши холистичко мерење на напредокот и на резултатите. Сето тоа ќе биде еден механизам којшто треба да даде резултати.

Сите овие сегменти, со добро, одговорно менаџирање, со напорна работа и добра контрола на реализацијата, ќе бидат основата која ќе ни обезбеди полесна транзиција кон заздравување и развој на економијата.

Воедно, сакам да напоменам дека овој буџет е мој прв буџет како премиер и јас лично се заложив и ќе се залагам овој буџет да покаже резултати, да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата.

При презентација на секој буџет пораката е „кратиме од непродуктивните трошоци“. Секогаш се вели – ќе се крати од дневници за службени патувања, за возила, но впечатокот е дека тоа никогаш не се случува. Како ќе ја смените ваквата перцепацијa, има ли Владата контролен механизам кој ќе покаже дали навистина се крати од непродуктивните трошоци?

– Исклучително важно за овој буџет е начинот на кој планираме да обезбедиме транспарентност и отчетност за начинот на имплементацијата на буџетот. Само со ваков фокус, односно со поставени индикатори преку кои ќе ја мериме ефективноста и ефикасноста на буџетот, воедно ќе овозможиме и ефективни, ефикасни, транспарентни и отчетни институции и одржлив економски развој.

Она што би сакал да го истакнам е дека праксата на намалување на непродуктивните трошења ја поставивме уште пред 5 години и успеваме да ја одржиме во сите овие години. Ја продолжуваме и во наредната 2023 година. Во Предлог-буџетот за 2023 година има огромни заштеди на помалку продуктивните трошења, како одговор на кризата во која живееме. Заштедите кои ги планираме се однесуваа на повеќе буџетски ставки со кои треба да се обезбеди заштеда во буџетот за над 220 милиони денари. Овде влегуваат околу 80 милиони денари за патните трошоци. Ставката за поправка и одржување е намалена за 48 милиони денари, набавката на нови возила е намалена за над 33 милиони денари како и за останати расходи и репрезентации, која исто така е намалена за над 62 милиони денари.

Ние денес не живееме во благосостојба, туку во глобална криза и ни престои уште една тешка и кризна година. Од овој буџет јас очекувам резултати. И ќе инсистирам да ги има.

Воведовте пакет за штедење на државните институции и јавните претпријатија и акционерски друштва што се под државна капа. Барате од институциите да ги скратат непродуктивните трошоци, да не се даваат согласности за нови вработувања. Дали направивте анализа и дали сите институции имаат непродуктивни трошоци или оваа мерка ја воведовте генерално за сите без разлика на спецификата на дејноста што ја има секоја инстуција?

– Како што и одговорив во претходното прашање, во буџетот за 2023 година кратиме над 220 милиони денари за непродуктивни трошоци и воглавно тие се однесуваат на патните трошоци, на одржување и поправки и на набавка на нови возила. Пакети не се воведени, туку има општи препораки со мерки за штедење до сите јавни институции. Целта на овие препораки е да се намалат трошоците, но и да не се наруши нормалното функционирање на институциите посебно кај оние кои нудат услуги кон граѓаните.

Секако дека има институции, кои поради интензивираниот евроинтеграцискиот процес мора да продолжат динамиката на патување и навистина не смееме да го ускратиме нивното присуство на преговарачката маса и ова го сметаме како приоритет за државата, затоа што нашето членство во ЕУ е една од врвните цели. Сепак мора да бидеме рационални при трошењето на државните пари посебно од ставките чија намена во дадениов момент ја сметаме за непродуктивна.

Овој буџет е основата за нашата визија за стабилна, економски просперитетна и напредна Северна Макеоднија, идна земја членка на Европската Унија. Изминативе 10 месеци вложивме огромни напори и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард, но сега е време да мислиме за тоа како да одиме напред и како да направиме подобро.

Јас лично ќе работам на тоа да обезбедиме сигурност, подобра иднина и просперитет на сите граѓани во оваа држава, да се стремиме кон европските услови и начин на живот затоа што граѓаните заслужуваат да го имаат она што го имаат и Европејците и ништо помалку од тоа. Тоа е мојата задача, таа е мојата, тоа е нашата заедничка цел.

Војната во Украина ја зголеми инфлацијата на глобално ниво. Кај нас според последните официјални статистички податоци инфлацијата во ноември достигна ниво од 19,5 проценти. Покрај досега донесените мерки за да се заузда инфлацијата, размислува ли Владата за дополнителни чекори?

– Овие високи инфлаторни стапки не се изолиран случај само кај нас, целиот свет се соочува со висока инфлација како резултат на воената агресија на Русија во Украина, што доведе до пораст на цените на енергенсите, храната и цените на суровините. Но, како што повеќе пати имам изјавено, ќе повторам и сега – никој нема да биде оставен сам да се справува во оваа најтешка економско-енергетска криза. Одговорно и навремено интервенираме со мерки за помош на ранливите категории граѓани, помош за одржување на ликвидноста на компаниите. Само во 2022, двата пакети антикризни мерки беа во вредност од над 760 милиони евра, најголем пакет поддршка во регионот.

Антикризните мерки од последниот пакет веќе се реализираат. Деновиве преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се исплати паричната помош за пензионерите со пензии пониски од 14.000 денари, тоа е првата исплата од четирите исплати како поддршка. Исто така исплатен е и надоместокот за телесно оштетување. Пензионерите кои земаат пензија не поголема од 11.525 денари месечно, добиваат 6000 денари за период од четири месеци. Пензионерите со пензии од 11.526 денари до 14.000 денари месечно, добиваат помош од 3000 денари за период од четири месеци. Со новиот пакет антикризни мерки обезбедивме 3.000 денари месечно, во наредните 4 месеци или вкупно 12.000 денари за скоро 42.0000 граѓани од најранливите категории.

Со ребалансот на буџетот се осигуравме дека ќе се продолжи со мерките како што е повластената даночна стапка од 5 проценти за прометот со електричната енергија кон домаќинствата, а исто така продолжи и програмата за енергетска сиромаштија со која парично и директно помагаме 4.000 семејства и им обезбедуваме намалени сметки за потрошената електрична енергија или огрев при што овие семејства добиваат до 200 евра помош во текот на годината. Компаниите ги ослободуваме од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, коишто се дополнителни 26 милиони евра олеснување сé со цел да ја задржиме нивната ликвидност.

Од април до сега ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80 проценти, и да не беше ова субвенционирање, граѓаните би плаќале пет пати поголеми сметки од тоа што плаќаат. Истото се однесува и на 72 илјади компании на регулираниот пазар кој вработуваат најголем дел од од работниците во државата.

Донесовме одлука за основните и средни јавни училишта, компаниите од прехранбената индустрија и јавните претпријатија од областа на водостопанството да можат да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја. Со оваа одлука, кај некои од пекарите веќе е регистрирано намалување на цената на бел леб, исто така има намалување на цените на млекото кај дел од млекарниците. Треба да се има во предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени. Во наредниот период очекуваме дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители од пекарската, од млечната и од месната индустрија, кое што намалување очекуваме да биде до 10 проценти. Досега според податоците од ЕСМ Продажба, 187 компании од прехранбената индустрија имаат склучено договор за субвенционирана струја. Во овој контекст да потсетам дека прехранбените фирми кои не поднеле документи, можат да се пријават до 20 декември за субвенционирано снабдување од 1 јануари 2023

Ова се само дел од сите мерки што досега ги преземавме, а кои се во насока на ублажување на последиците од кризата, на високите инфлаторни стапки. Секако, дека грижата на Владата и политиките за помош на граѓаните и стопанството во оваа најголема криза продолжуваат и следната година, и тоа е преточено во новиот Предлог-буџет за 2023.

Буџетската каса за следната годин а е проектирана така да може да обезбеди стабилност, сигурност, економски раст, заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите во услови на криза. Од вкупниот буџет за 2023 година за антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра.

Секако, и за следната година обезбедени се средства за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост.

Продолжува усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системското утврденото решение, зголемување на платите во образование, и на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година. За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени.

Досега со секоја преземена мерка соодветно одговоривме на секој предизвик. И во следниот период будно ќе ја следиме состојбата, навремено ќе носиме мерки за заштита на животниот стандард, за економијата. Ветив дека никој нема сам да се справува со кризата и го исполнив тоа ветување. Тоа е мојата цел, тоа е целта на оваа Влада, тоа ни е обврска што ја имаме кон граѓаните – да обезбедиме сигурност, подобра иднина и животен стандард.

Предвидувањата се дека светот ќе се соочи со недостиг на храна. Како Владата го менувате моделот на субвенционирање во земјоделството и фокусот го ставате на одгледување на стратешките култури со цел да го намалите увозот. Кога може да ги очекуваме првите резултати од овој нов модел на субвенционирање?

– Обезбедувањето на одржливо и зголемено производство на домашна храна е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме ние како држава, и целиот свет. Економско-енергетската криза покажа колку е важно да имаме домашно производство на храна, и нормално дека како Влада секојдневно ги следиме случувањата на глобално ниво на оваа тема, и навремено преземаме мерки како сегмент во целокупната стратешка политика што ја спроведуваме заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Таа стратегија вклучува и капитални инвестиции, на кои изминативе пет години ставивме силен фокус, а веќе следната 2023 година завршува изградбата на браната Конско во вредност од 40 милиони евра. Во 2023 година завршува и изградбата на хидросистемот Равен-Речица во вредност од 15 милиони евра, а продолжува изградбата на браната Речани, како и изградбата на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Река Вардар, започнува изградбата на браната на река Слупчанска, но и уште други капитални инвестиции.

Во стратегијата е и Националниот план за производство на храна во кој што е вклучена и Интервентната програма во вредност од 900 милиони денари. Тоа се мерки за помош на земјоделците, мерки насочени кон стратешките производи пченица, пченка, сончоглед, месо, односно главните суровини за производство на основните прехранбени производи.

За следната година го имаме најголемиот буџет за земјоделство со кој се реализира најголемата земјоделска реформа за промена на моделот за субвенционирање. Тоа се околу 193 милиони евра што е зголемување за 45 милиони евра споредено со 2022. Најголем дел од средствата односно 140 милиони евра се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, од кои 114 милиони евра се наменети за исплата на субвенциите и спроведување на најголемата реформа во земјоделството.

Со новиот „decoupling систем“, земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите, која што ќе им биде исплатена во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им се најпотребни пари за да можат да ја започнат новата реколта, но и да имаат одржливо земјоделско производство со што ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна. Дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе, а дополнителна поддршка е предвидено и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба.

Оваа година беше како пилот проект и се применуваше за овоштарството, а веќе од следната година се опфатени сите земјоделски гранки. Напоменувам дека со новиот модел не е предвидено намалување на средствата наменети за земјоделците, туку нивна поефикасна прераспределба, побрза исплата, што значи планско и одржливо производство, од што бенефит ќе имаат и земјоделците и државата.

Во однос на ефектите од новиот модел, треба да се има предвид дека е врзан со производство на храна, исплатата е авансна во тековната година, во некои гранки првите резултати ќе ги имаме уште следната година, но во некои сектори после две години, се во зависност од земјоделската култура. На пример, кај сончогледот, со мерката за вештачко ѓубриво што се донесе пролетоска, уште годинава имаше пораст на производството на сончоглед.

Заедно со министерот за финансии на почетокот на овој месец ја претставивте даночната реформа која не го вклучува прогресивното оданочување. Зошто се откажавте од оваа идеја?

– Прво, ќе потенцирам дека новиот Концепт на даночна реформа е подготвен врз основа на бројни аналитички и емпириски истражувања и пресметки со вклученост на сите чинители, од Министерството за финансии кое спроведе отворена дискусија и дебата, со експретската јавност, академската заедница, бизнис-заедницата, синдикатите, невладиниот сектор, чинителите на политичката сцена во земјава, како и политичките партии.

Целта на новиот Концепт на даночна реформа кој што е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025), е праведен, ефикасен и модерен даночен систем кој овозможува за стабилни приходи, економски раст и подобри услуги за граѓаните.

Ќе повторам дека со новата даночна реформа не се предвидуваат нови даноци, не се предвидува зголемување на даноците, односно данокот на личен доход останува со една стапка од 10 проценти , и се укинува прогресивното оданочување кое требаше да стапи на сила на јануари 2023 година, данокот на добивка останува 10 проценти и не се зголемува, данокот на додадена вредност останува 18 проценти и не се зголемува, каматите на депозитите и штедните влогови, нема да се оданочуваат. Оваа нова даночна реформа преставува ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и крајно сузбивање на неформалната економија.

Во однос на прогресивното оданочување, ќе посочам дека оваа одлука е донесена врз основа бројни анализи и консултации со сите чинители, кои покажаа дека прогресивниот данок не ги дава бараните резултати како модел. Укинувањето на прогресивниот данок е за 2023 година, и тоа не значи дека се откажуваме од овој модел во целост, но дека консултациите ќе продолжат и во иднина. Со самиот факт дека праведноста е еден од основните принципи на новиот даночен систем, ние во наредниот период ќе разгледуваме опции за нов модел кој ќе биде во насока да се опфатат сите приходи во едно домаќинство, односно да се земаат во предвид вкупните примања на семејството, а не само платата на еден член.

Со овие реформи кои ги определивме со новата даночна реформа, догодина очекуваме да се слеат дополнителни 70 милиони евра во Буџетот. Резултатот од новиот концепт ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспаретно управување со јавните финансии што е особено важен услов во оваа најголема економска криза.

Изминатиов период докажавме дека како одговорна Влада одговорно го менаџираме буџетот и ги враќаме парите кај граѓаните кога е најпотребно и тоа е принципот по кој и ќе продолжиме да работиме. Тука би посочил дека во моментот се прават анализи за воведување на времен данок за екстра профит генерирани од страна на големите компании во време на криза како и дополнителни новини кои ќе обезбедат дополнителна правичност на даночниот систем.

Изминатите денови сме сведоци на меѓусебни обвинувања на приватните превозници и Град Скопје. Улиците во главниот град се блокирани, а најголема штета трпат граѓаните и стопанствениците. Приватните превозници изјавија дека доставиле и барање за средба со Вас. Како Владата може да помогне да се надмине оваа ситуација?

– Точно една година измина откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт во Скопје. Кој е резултатот гледаме денеска. Главниот град е сѐ, само не главен и уште помалку модерен град. Ова се случува веќе подолго време, но секако кулминираше со кавгата за тендери и провизии и хасот со јавниот превоз во Скопје. Скопје е нефункционален, заглавен град, со колабиран јавен превоз, со граѓани кои едноставно не можат да си ги завршат дневните обврски, не можат да функционираат нормално. Средношколци пропуштаат настава, родителите не можат да си ги однесат децата во училиште или градинка. Никој не може да стигне ни на работа, ниту на лекар, никаде. Прескапа цена плаќаат граѓаните заради кавгите во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу Мицкоски и Арсовска. Тоа е недозволиво.

Делумно се повлечени блокадите, но тоа не е решение за хаосот кој го создадоа и колапсот на јавниот превоз до кој го доведоа градот, градоначалничката Данела Арсовска и Христијан Мицкоски. Тоа се двете адреси каде што треба да се бараат одговорите и решенијата. Владата нема ингеренции во јавниот превоз во Скопје и Владата не е соодветна адреса. Нивните меѓусебни кавги го парализираа градот, тие пред сѐ треба да им се извинат на скопјани, па да седнат да го решат проблемот и тоа веднаш. Доста трпеа скопјани. Мнозинството во Советот на Град Скопје е на ВМРО-ДПМНЕ, претседавачот на Советот е од ВМРО-ДПМНЕ, директорите на јавни претпријатија и членовите на Управните одбори на тие претпријатија исто така се од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам да седнат и да најдат решение за проблемот што самите го создадоа. А тоа го очекуваат и граѓаните.

Ние како Влада во рамки на нашите ингеренции сме направиле сѐ што е во наша моќ. Законските услови за нормално функционирање на општините се обезбедени, дотациите се обезбедини, дотолку повеќе што во 2023 планирани се и зголемени блок и ДДВ дотации за општините. Изминатиов период ја разгледуваме можноста за преземање на некои инфраструктурни, капитални проекти кои се од значење за градот и граѓаните на Скопје на подолг рок, како што е реконструкцијата на Универзалната сала или пак важни клучки, улици и мостови кои останаа недовршени од минатиот мандат како што е на пример изградбата на мостот на Љубљанска. И тоа го правиме во обид да ги спасиме важните проекти и да му обезбедиме можност на Скопје да се развива во иднина во навистина модерен град како и што беше планиран.

Но морам да посочам дека решавање на дневни, менаџерски проблеми, како што е овој со превозниците, тоа не е работа на Владата, тоа треба што поскоро да го реши градоначалничката и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ да им го врати функционален градот на скопјани. Кавгите граѓаните не ги интересираат туку решенијата.

Процесот на скрининг трае. Се уште е рано со оглед на тоа дека билатералниот скрининг почна во ноември. Дали имаме преговарачки капацитети и капацитет да го спроведеме реформите особено во делот на корупцијата?

– Апсолутно имаме преговарачки капацитети и капацитет за да спроведеме реформи во сите области. Во изминативе 10 месеци имаме историски напредок, ние не стоевме во место како што тоа беше случај цели 11 години со ВМРО-ДПМНЕ. Ние и пред да почнеме со преговорите имавме 45 проценти усогласеност со ЕУ законодавството, тоа не е случајно секако, тоа е производ на напорна и посветена работа на институциите. Оваа Влада и ние како одговорни политичари немаме само декларативни заложби за да ја видиме земјата во ЕУ. Ние, на повеќе пати, на дело покажавме како се работи кога се имаат на ум државните стратешки цели. После 11 години блокада, ние сме земја членка на НАТО, и имаме отпочнати преговори со ЕУ.

И затоа велам дека ние имаме и капацитет имаме и институции кои се доволно оспособени со стручни кадри кои можат да ги завршат преговорите и кои ќе ни овозможат да станеме членка на ЕУ до 2030 година. Но секако, ова значи дека посветеноста на решавање на проблемите со корпуцијата, со судството и обвинителството ќе бидат предмет на разгледување и анализа од страна на ЕУ. Секако, судската власт е независна власт, јас ниту сакам ниту дозволувам мешање во нивната работа. Владата во рамки на своите ингеренции, обезбедува и понатаму ќе обезбедува услови за непречено и независно функционирање на судството, но ние сите заедно како општество мора да дадеме свој придонес во решавањето на корупцијата и секако да се осигураме дека судството како фела ќе изнајде решение кое ќе е по највисоки демократски стандарди и принципи и кое ќе обезбеди и денес и во иднина неприкосновена независност и интегритет во работењето.

Она што нам како Влада ни е битно е да се отстрани од јавниот дискурс прашањето за политичкото или партиското влијание врз судството и затоа апелираме што поскоро да се обезбеди простор од страна на судските авторитети за изнаоѓање на демократко, системско решение кое ќе обезбеди долгорочно унапредување на владеењето на правото.

Сето ова секако нема да е краток процес, но ние, ако сакаме да сме земја членка на ЕУ, едноставно, мора да го направиме тоа, а ние како Влада, посветено ќе работиме да овозможиме услови.

Скринингот се очекува да заврши во ноември 2023 година, а дотогаш треба да се донесат уставните измени неопходни за отворање на првиот кластер. Опозицијата цврсто стои на ставот дека нема да гласа за уставните измени. Како ќе ја разубедите?

– Најпрво, морам да посочам дека исклучително ми е драго што ние денес разговаравме за нашата европска иднина, за отпочнатите преговори, отпочнатиот скрининг, за напредокот, за конкретни реформи кои треба да се случат, а не зборуваме дека сето ова треба да се случи во иднина. Тоа е огромен напредок и навистина сум горд на тоа.

На 19 јули ние ги отпочнавме преговорите со ЕУ ја одржавме првата меѓувладина конференција. На 15 септември започна скрининг процесот. На 26 октомври го потпишавме договорот за ФРОНТЕКС кој е прв документ на кој имаме ставено потпис заедно со сите останати 27 земји-членки на ЕУ, на македонски јазик, без никакви додавки, ѕвездички и фусноти.

Со овие три датуми ние започнавме ново поглавје во нашиот европски пат, и одиме кон полноправното членство во ЕУ. Донесовме многу тешки одлуки, но со тоа покажавме и визија, и лидерство и храброст, затоа што сето ова реално значи можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, можност децата да ни живеат во земја-членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Северна Македонија.

Скринингот си тече како што и беше планиран, и пред нас сега се уставните измени, кои ќе се најдат пред македонското Собрание и нашите 120 пратеници. Јасно ми е дека нивната одлука нема да е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување.

Она што е јасно е дека тие имаат избор да остават да биде се така како што било и да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но јас искрено верувам и уверен сум, дека тие ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука за да овозможат подобра иднина и за нас и за нашите деца.

Пратениците се сепак и пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во земја членка на ЕУ. Сакаат да сме полноправна членка. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда и владеење на демократија. Граѓаните сакаат подобар живот по европски стандарди, затоа што сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината.

Ние немаме друга алтернатива освен членството во ЕУ. И тој пат до ЕУ нема да е лесен, но мора да се изоди. Затоа што на крајот на тој пат е големата награда, полноправното членство во ЕУ. Нашите граѓани, идните генерации ќе живеат во ЕУ, побогати и со подобар стандард од тоа што го имаат сега, а нашето општество ќе се трансформира во општество со европски вредности.

Погледнете ги сите земји-членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој. И нивниот пат не бил лесен, и нивната трансформација била постепена и тешка, но денес нивните граѓани имаат шанса да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да живеат европски и слободно.

Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено од нас. Подадените раце на поддршка од нашите пријатели, оваа шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме.

На 6 декември се одржа Самит ЕУ-Западен Балкан. Од ЕУ беше потврдена посветеноста на перспективата за членство на Западен Балкан и повика на забрзување на пристапниот процес заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозни услови, како и принципот на сопствени заслуги. Дали навистина Западен Балка ќе биде приоритет на ЕУ и дали е остварлива проекцијата 2030 година да бидеме членка?

– Изминатиов период се случија две многу важни работи кои се доказ дека Западниот Балкан е високо на агендата на ЕУ. Во Берлин се одржа самит на Берлински процес со што се реактивираше регионалната соработка во насока на подготовка на земјите од Западен Балкан за што поскора евроинтеграција. Исто така се одржа и Самитот ЕУ-Западен Балкан за прв пат во земја од Западен Балкан, во соседна Албанија.

Во Берлин, ние потпишавме многу важни договори кои вклучуваат зголемена мобилност, отворен пазар и економска соработка меѓу земјите, признавање на дипломи и образование итн, договори за кои депонент е Министерството за надворешни работи на Северна Македонија. Во Тирана, покрај заклучоците со кои се обезбедува поддршка од 1 милијарда евра во грантови за справување со економско-енергетската криза и за енергетска трансформација на регионот, како и заклучоците со кои се обезбедуваат можности за доедукација и развој на младите преку Еразмус+ програмите, се потпиша и договор за намалување на роаминг цените меѓу земјите на Западен Балкан и ЕУ.

Сите овие активности како и фактот дека ЕУ е нашиот најголем трговски партнер, се само потврда дека Европската Унија препознава дека Европа, Европската Унија не е целосна без земјите од Западниот Балкан. Исто така, не смееме да го заборавиме фактот дека, на европскиот контитент има војна, руската агерсија врз Украина постави еден нов геополитички контекст, и членството во ЕУ на земјите од Западен Балкан, не е веќе само прашање на проширување, туку е и геополитичко и безбедносно прашање.

Ќе се навратам на минатиот месец, кога нѐ посети државниот секретар за Европа на Француската Република, г-ѓа Бун, која кажа дека целта за полноправно членство во ЕУ до 2030, е амбициозна, но не е нереална. Патот е трасиран, ние посветено работиме на целта и имаме поддршка од нашите пријатели во ЕУ.

Јас сум рационален оптимист на темата полноправно членство, односно, се надевам дека тоа ќе се случи, но работам напорно да ги исполнам поставените цели за да обезбедимÐ µ услови тоа полноправно членство да се случи.

Самитот во Тирана меѓу ЕУ и Западен Балкан на кој присуствувате го одбележа, како што веќе и споменавте и потпишаниот договор за укинување на роаминг тарифите. Какво е значењето на овој договор и може ли да очекуваме и пред членството во ЕУ, нашите граѓани да имаат конкретни бенефити по примерот на жителите од државите членки?

Договорите како овој за намалени цени на роаминг услуги со тенденција тие да се укинат во наредниот период овозможуваат токму тоа – реални придобивки за граѓаните и за бизнисот и своевиден вовед во отворениот европски пазар. Со овој договор ние ќе сме поповрзани со нашите европски партнери, а со оглед на тоа дека земјите од ЕУ, особено Германија се наши најголеми трговски партнери, од овој договор, огромен бенефит ќе имаат компаниите кои имаат директна соработка со компании од земји-членки на ЕУ. Разговорите како дома се цел во иднина и дефинитивно означуваат една нова страница во односите со ЕУ.

Пред да се случи членството во ЕУ ние секако дека можеме да очекуваме подобрување и конкретни бенефити. Тоа нема да се должи само на дополнителните финансиски инструменти од ЕУ до кои ќе имаме пристап, туку ќе биде резултат и на самата трансформација на општеството по европски стандарди. Квалитетот на живот во Европа е нашата крајна цел и затоа јас често велам дека членството нам не ни е потребно само за да кажеме дека сме земја-членка на ЕУ, туку за да го промениме нашето општество кон подобро. Подобра инфраструктура, подобро образование, здравство итн.

Дополнително, она што е многу важно во овој контекст да се напомене е фактот дека со членството во НАТО и сега веќе отпочнатите преговори, ние важиме за безбедна и сигурна земја во која инвеститорите сакаат да инвестираат. И тоа е веќе видливо, изминативе 10 месеци ние успеавме да обезбедиме нови 2000 добро платени работни места за нашите граѓани преку новите странски и домашни директни инвестиции. Никој не сака да се занимава со земја која е заглавена во место, заглавена во минатото, но, денес со сите напредоци кои ги постигнавме, ние сме дестинација во која комапаниите сакаат да инвестираат. И тоа и на краток и на среден и на долг рок, е има огромна придобивка за граѓаните, подобри работни места, подобро платени работни места, повисок животен стандард итн.

Мора посеопфатно да го разгледуваме пристапувањето во ЕУ. Земјите кои станаа членки изминативе години имаат енормен економски раст, се далеку побогати од тоа што биле, граѓаните таму живеат по европски стандарди и вредности. И сето тоа е долг процес, не се случило преку ноќ сигурно, но полека но сигурно, сите се движеле напред. Затоа е многу важно да не отстапуваме од нашиот европски пат, нашите граѓани заслужуваат подобар и побогат живот, патот до и самото членство во ЕУ апсолутно ќе го овозможи тоа.

МИА