Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „360 степени” на ТВ „Алсат М”, која се емитуваше вечерва, зборуваше за стабилноста на парламентарното мнозинство, за кое рече дека во моментов брои 64 пратеници.
„Ако ги погледнете сите пратеници, без разлика на дискусиите коишто се водат и во дел на политичките партии внатре, никој не го довел во прашање владиното мнозинство”, потенцираше премиерот Ковачевски, појаснувајќи ја актуелната состојба со парламентарното мнозинство.
На прашањето за проширување на парламентарното мнозинство, премиерот Ковачевски одговори:
“Секогаш постои можност и потреба заради окрупнување на одреден блок кој има визија и цел да влезат нови политички субјекти. Тоа ќе значи зголемување на ефикасноста на работењето на Собранието со оглед на тоа дека имаме голем број на реформски закони коишто се дел од пристапувањето на ЕУ”.
Во однос на пратеничката група на ДУИ, премиерот Ковачевски нагласи дека: „таа пратеничка група нема пратеник којшто има забелешка на работата на Владата, на остварувањето на европските интеграции, на начинот на справувањето со енергетската и економската криза”.
„Ниту еден пратеник од пратеничката група на ДУИ или било која друга група којашто е дел од владиното мнозинство нема искажано било каква изјава или став во однос на владиното мнозинство. Што се однесува до дискусии кои се водат внатре во политички партии, јас не би можел коментирам бидејќи нашите политички партии, особено тие кои се дел од Владата се демократски партии”, појасни премиерот.
Осврнувајќи се на можниот влез на Алијанса за Албанците во Владата и можното излегување на Алтернатива за сметка на тоа, премиерот Ковачевски коментираше дека Алтернатива е дел од Владата и таа и програмски и кадровски е интегрирана во неа. Во однос на евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во Владата, премиерот коментираше дека сите политички партии коишто делуваат во правец на зачленување на Северна Македонија во ЕУ, се добредојдени во Владата.
„За да тоа се случи, прво мора програмски да се усогласат политичките партии и второ, кадровски да се усогласат. До овој момент, такви разговори за кадровско и програмско усогласување со потенцијално нови партнери во Владата нема дојдено. Вие конкретно прашувате за Алијанса за Албанците бидејќи тоа е тема којашто се експлоатира во јавноста. Алијанса за Албанците е политичка партија која го поддржа предлогот на Европската Унија во однос на стартот на нашите преговори. Тие секогаш и практично докажувале дека се за интеграција на нашата држава во ЕУ”, појасни премиерот Ковачевски во интервјуто.