Сите политички партии треба да ги извршат своите обврски согласно законите за влада и за избори, да не се остава никаква дамка на изборниот процес, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Централниот одбор на СДСМ вчера ги донесе сите потребни одлуки за учество во техничката влада, веќе ги дефиниравме согласно Статутот нашите предлози за министри, за заменици-министри, за дополнителни заменици-министри во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Нашиот координатор на пратеничката група официјално вчера беше промовиран во кандидат за претседател на Собранието и со тоа СДСМ го заврши делот од процедурата пред да влеземе во Собрание на гласање за техничката влада, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.

Средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за утврдување на составот на техничката влада, како што рече, ќе има и кога ќе биде закажана од страна на кабинетите ќе биде објавено.

Премиерот Ковачевски денеска беше во Струга, каде присуствуваше на отворањето на новоизградениот затворен базен.