Премиерот Димитар Ковачевски во однос на ставовите изнесени од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по нивната средба изјави дека сите тие прашања не задираат во прашањето за македонски јазик кое што е чисто во преговарачката рамка и во сите документи на ЕУ, не задираат во идентитетот на македонскиот народ и во самобитноста од кој било аспект на македонскиот народ.
-Тоа е мултилатерален документ кој на Република Северна Македонија и е испратен официјално од претседателството на ЕУ Франција, кој е преземен од новото претседателство Чешка. Во моето воведно обраќање кажав дека ова е предлог кој ги опфаќа нашите црвени линии дефинирани во резолуцијата која ја има донесено Собранието на Република Северна Македонија, рече Ковачевски по средбата со Мицкоски во Клубот на пратениците.
За тоа кога ќе се случат уставните измени и тврдењата на Мицкоски, премиерот кажа дека сите партии имаа свои изјави во изминатиот период, некои се држат до своите изјави, како тој, некои ги менуваат тие изјави.
-Нашиот Устав предвидува дека граѓани кои се самоопределуваат на друг начин од македонскиот народ можат да бидат дел од Уставот. Тоа го побараа граѓаните кои се самоопределуваат како Црногорци, како Бугари и како Хрвати. Можеби ќе го побараат и други. Еѓипјанската заедница во змјава е многу значајна заедница. Поддржувањето на такво влегување во Преамбулата на Уставот е таква одговорност затоашто ние претставваме пример во Европа за најдобра уреденост на односите помеѓу сите граѓани по сите основи. Затоа сметам дека сите 120 пратеници во Собранието да го поддржат, рече Ковачевски.
Не одговори кога ќе биде отворен Уставот, туку рече дека смета оти во моментот кога ќе дојде да се одлучува за вклучување на овие граѓани во Преамбулата на Уставот дека сите ќе бидат на висина на својата задача и побара сите да го поддржат.
Според Ковачевски, позициите на Владата ќе бидат изградени врз основа на мислењата од консултираните страни што ќе бидат доставени.
-Откако ќе завршиме со консултативниот процес овие мислења ќе бидат доставени до Владата и врз основа на образложенијата Владата ќе ја достави одлуката и ќе ја испрати до ЕУ.
За предлогот на претседателот Стево Пендаровски искажан по денешниот состанок на Советот за безбедност, Ковачевски рече дека го поддржува и Владата ќе побара од преговарачите и нашите институциите да се придржуваат до донесените резолуции.