Рамазан Бајрам е празник на обновата на духовната сила што ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност, вели премиерот Димитар Ковачевски во видео обраќањето во кое им го честита празникот Рамазан Бајрам на сите припадници на Исламската вероисповед.

-На сите припадници на Исламската вероисповед во нашата земја, во мое, и во име на Владата на Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам. Рамазан Бајрам е празник на обновата на духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност, посочува Ковачевски.

Крајот на постот и дарбите што се стекнуваат во месецот на одрекувањето и воздржувањето, како што истакнува премиерот, ги украсуваат верниците со дух на трпение, несебичност и дарежливост за да се споделат благодетите на празникот со членовите на семејствата, роднините, пријателите и соседите.

-Овие вредности оваа година имаат посебно значење заради актуелната глобална криза. Во овие услови, Рамазан Бајрам повикува да се соочиме со предизвиците и врз начелата на почитување и солидарност да продолжиме заедно по патот што го избравме, здружено и единствени. Градиме заедно едно општество за сите граѓани, со еднакви шанси за секој и знам дека само заедно ќе успееме најбрзо и најбезболно да ги пребродиме сите, па и овие последиците од кризата, нагласува Ковачевски.