Премиерот Димитар Ковачевски ја депонираше оставката во Собранието. Спикерот Џафери се очекува тоа да го направи во текот на денот. Утре Собранието треба да ги констатира оставките, со што започнува процесот за формирање на техничка влада.

„Имавме неформална средба со министрите на којашто им се заблагодарив за напорната работа во овие изминати две години. Денеска, како што кажав, ќе го направам тоа што е според закон предвидено. Мојата оставка е потпишана, сега ќе ја однесам во архивата“, изјави Ковачевски.

Додаде дека ќе има средба и со претседателот на Собранието, на која ќе му посака успешна процедура до недела, а потоа и успешен негов избор за технички премиер. За Џафери рече дека е искусен политичар кој има големо искуство во водењето на Парламентот и оцени дека државата ќе го задржи својот стратешки правец.

Ковачевски изрази убедување дека на 9-ти мај тој ќе ја предводи новата влада.

Ковачевски и Џафери поднесуваат оставки: Се крои новиот состав за „Илинденска број 2“

ВМРО-ДПМНЕ вчера ги соопшти имињата на кандидатите за министри и заменици во техничката влада

Панче Тошковски ќе биде министер за внатрешни, Ѓоко Велковски за труд и социјала, дополнителен-заменик министер во финансии Елена Петрова, за информатичко општество Стефан Андоновски, за земјоделство Цветан Трипуновски.

Партијата остана на ставот дека ќе учествува во техничката влада, но, нема да гласа за неа.

Веќе има шпекулации, а според некои информации дури е и потврдено дека Маричиќ на местото на Груби ќе биде прв вицепремиер во техничката влада на Џафери.