Случаите како „Јавна соба“ ни ги покажаа слабостите на системот, но исто така ни покажаа дека санкционирањето и превенирањето се најважните алки во справувањето со родовото базирано насилство, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на регионалната консултација во организација на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Пресудите на обвинетите во случајот „Јавна соба“, како што посочи премиерот, обесхрабруваат други повторни појави на вакви случаи. Со измените и воведувањето на делот „демнење“, додаде Ковачевски, се предвидуваат строги санкции за вознемирување преку Интернет.

– Тоа значи дека секој што неовластено ќе следи, прогонува или ќе се меша во личниот живот на друго лице вклучително и да воспостави несакан контакт може да се казни со казна до три години затвор и тоа верувам дека ќе направи пресвртница во слободата која досега ја чувствуваа оние кои без одговорност ги загорчуваа животите на многу жени и девојки, некои поради професијата, некои поради политичкиот или граѓанскиот активизам и слично, рече Ковачевски.

Фокусот на Владата досега и во иднина, според премиерот, ќе биде на практичната примена на легислативата бидејќи, како што нагласи, клучот за успешно справување со родовото насилство лежи во примената и механизмите кои ќе се унапредат во пракса.

– Законот за родова еднаквост треба да ја зајакне положбата и статусот во општеството и да обезбеди еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општеството. Тој предвидува формирање на секретаријат, чија основна намена е следење на мерките за родова еднаквост. Но, како и секое горливо општествено прашање, и ова бара заеднички општествени напори. Ние како Влада, мора да обезбедиме политики и механизми, но тука мора да делуваме координирано со граѓанските организации, со академската фела и со медиумите, потенцира премиерот.

Ковачевски истакна дека не е доволна решителноста или делувањето само на Владата, туку е потребно е пошироко консолидирано дејствување кое ќе предизвика широки општествени промени.

– Ние мора да излеземе од конзервативните сфаќања кои не уназадуваат како општество. Редно е да се едначиме со економски успешните земји, кои статистички и научно се економски силни затоа што имаат обезбедено општества кои се родово еднакви и кои создаваат економски независни жени. За да ја постигнеме таа цел го очекуваме партнерството на сите прогресивни сили, заклучи Ковачевски.