Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска беше на увид во градежните работи за рехабилитација на делницата Петровец-Катланово. На терен беа присутни и претставници од надзорот и изведувачот на градежните работи на оваа делница од Турција, Акционерското друштво за асфалт изведба, градежништво, индустрија и трговија „Макимсан“.
Вкупната должина на рехабилитацијата со проширување на автопатот А1, делница Петровец – Катланово изнесува 10,7 километри, а инвестицијата е во висина од 6,3 милиони евра.
„Денеска сме повторно на терен, овој пат на увид во градежните активности на автопатската делница Петровец – Катланово. Од она што денеска можам да го видам овде на терен, се радувам и драго ми е што градежните работи добиваат на интензитет и што добив уверување дека изведувачот ќе стори се што е во негова моќ за забрзување на изведбата на оваа делница“, потенцираше премиерот Ковачевски, на настанот, апелирајќи до изведувачите и сите инволвирани во изведбата на оваа делница да се забрза динамиката на реализација.
Премиерот Ковачевски изрази надеж дека градежните работи на делницата, која е предвидено да се заврши до крајот на годинава, ќе биде брзо реализирана.
„Се надевам и укажувам градежните работи за рехабилитација со проширување на двете ленти од коловозот на оваа автопатска делница да се реализираат уште пред предвидениот рок и со забрзана динамика најдоцна до декември годинава, како што е предвидено“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека обезбедувањето на модерната инфраструктура и поврзаност е дел од стратешката определба на Владата.
„Градиме и реализираме проекти кои не стојат само на хартија. Ги поврзуваме луѓето, градовите и државите со модерна инфраструктура, која ќе остане трага и наследство за идните генерации.
Во овој момент активно тече изградбата на експресни патишта во должина од 64 км, инвестиција која чини преку 120 милиони евра. Во тек е реконструкција на регионални патишта во должина од преку 120 км. Изминативе пет години, Владата предводена од СДСМ и коалиционите партнери, изгради двојно повеќе патишта со должина од околу 1.300 километри, отколку што се изградени во претходните десет години, кога биле направени само околу 650 километри“, изјави премиерот Ковачевски.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, рече дека градежната офанзива во инфраструктурата е засилена насекаде низ државата и дека оваа година има најголем обем на инвестиции.
„Ова е делница од Коридорот 10, дел од европските коридори, за нас многу значајна патна и транзитна врска и затоа наша обврска е на овој Коридор да воспоставиме квалитетен, модерен и безбеден автопат. Она што е многу важно е дека посветуваме големо внимание на безбедноста на патниот Коридор 10. Инвестициите во патната мрежа ги продолжуваме со уште позасилено темпо. На терен ги вклучуваме сите капацитети, цела градежна оператива ја ставиме во функција за да ги модернизираме патиштата низ земјава“, истакна министерот Бочварски. Тој додаде дека во моментов се инвестира околу една милијарда евра во рехабилитација и изградба на патната мрежа низ земјава, а се започнува со изградбата на автопатските делници на Коридорот 8 и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10 д. Годинава, како што потенцираше министерот Бочварски, се започнува и со изградба на втората фаза од автопатската делница Скопје – Блаце.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми истакна:
„Рехабилитацијата на автопатската делница А1 Катланово-Петровец е со цел да се подигне нивото на безбедноста на учесниците на сообраќајот. Овие вкупно десетина километри што се рехабилитираат на левиот и десниот коловоз ќе бидат проширени со уште една лента, со што ќе се добие комплетна автопатска делница по сите стандарди. Проширувањето се одвива во внатрешниот зелен појас на автопатот со цел да се избегне дополнителна експропријација. Сега веќе се работи со засилено темпо“, рече директорот Рустеми.
Тој појасни дека вредноста на договорот е 6,3 милиони евра, средства коишто се обезбедени од ЕБОР.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми ги потенцираше и проектите на кои работат, конкретно, дека годинава почнуваат со рехабилитација на најоштетените делови на автопатот А1 во делот кај Неготино, како и дека по подолг период, се рехабилитира патот Катланово-Велес, во вкупна должина од 8,4 километри.