„Денеска имаме историски ден во кој Северна Македонија започнува изградба на автопатишта во должина од 110 километри, коишто ќе бидат со врвен квалитет и кои, конечно, после онаа запоставеност во времето на комунизмот, кога Македонија не била поврзана ниту на исток, ниту на запад од политички причини, туку била поврзана само на север и нешто на југ, конечно ќе имаме држава којашто ќе има и Коридор 10 завршен и Коридор 8 завршен“, изјави премиерот Димитар Ковачевски по повод потпишувањето на договорот за изградба на коридорите 8 и 10д.

„Од држава која е во центарот на Балканот, наместо, како до пред извесно време, кога бевме кружен тек, отколку раскрсница, сега конечно ќе станеме раскрсница, бидејќи со изградбата на коридорот 8, автопатот кон Албанија и со изградбата на коридорот 10, експресниот пат кон Крива Паланка и со изградбата на железничката пруга кон Бугарија и кон Албанија, Северна Македонија конечно ќе ги има двата коридори кои ќе ја направат раскрсница и ќе имаме излез на три пристаништа“, рече тој.

Во однос на постапката за избор на изведувач, премиерот рече дека е спроведена согласно закон донесен од страна на Собранието.

„За законитоста на постапката одговараат сите институции, коишто, согласно овој закон, биле задолжени да ја спремат постапката за избор на изведувач и за избор на надзор на истиот проект. Врз основа на законот е предвидено сумата колку што ќе чини овој автопат да биде дефинирана врз основа на експертско знаење, кое го поседува фирмата консултант и надзор, во овој случај ИРД, а државата одлучила преку закон во Собрание дека фирма изведувач ќе биде Бехтел и нивниот партнер Енка“, појасни Ковачевски.