Почнато е новото поглавје на нашиот европски пат во кое треба да се случат натамошни реформи за остварување на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ. Шансата што ја имаме не смееме да ја пропуштиме, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун.
Како што рече Ковачевски, македонскиот тим е подготвен, има знаење и експертиза и ќе го заврши скринингот во предвидениот рок од 14 месеци
– Владата донесе храбри одлуки, процесот на преговорите беше мачен, но фактот дека излеговме од него како земја која се избори за своите позиции, не прави посебно горди, истакна премиерот.
Тој се осврна и на уставните измени, изразувајќи очекување дека пратениците ќе покажат, како што рече, државничко однесување и ќе го поддржат нивното донесување.
– Остануваат уставните измени, знам дека одлуката на пратениците не е лесна, но очекувам да покажат државничко однесување. Секако дека имаат избор да остават се како што било, да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но уверен сум дека ќе бидат на ниво на задачата со цел подобра иднина за сите нас и за идните генерации. Пратениците се претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да бидат дел од ЕУ заради севкупните општествени придобивки, економскиот напредок и демократијата.