Владата во моментов функционира со мнозинство од 64 пратеници и тоа беше потврдено на изборот на новиот министер за локална самоуправа. Се што се пишува за реконтрукција на Владата е во доменот на шпекулациите во овој момент, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски одговараше на новинарско прашање за медиумските написи за реконструкција на Владата до Нова година и за смена на министерот за здравство Беким Сали со кадар на Алијансата за Албанците.
Јас не сум ги видел утрово натписите за кои што зборувате. Во моментов, Владата функционира со мнозинство од 64 пратеници и тоа беше потврдено на изборот на новиот министер за локална самоуправа. Јас не сум имал разговори како премиер бидејќи премиерот предлага министри во Владата во однос на реконструкција на Владата така што се тоа што се пишува е во рамките на шпекулации во овој момент, рече Ковачевски.
Премиерот заедно со Сали беа на настан во Градската општа болница „8 Септември“ на кој беше отворен нов дијагностички центар.