Корупцијата е закана за функционирањето на системот, владеењето на правото, за буџетот, за економскиот развој, за животниот стандард на граѓаните. Сите чинители подеднакво во рамките на своите ингеренции треба да дадат свој придонес во решавањето на ова крупно прашање, порача премиерот Димитар Ковачевски по повод 9 Декември – Меѓународен ден за борба против корупција.
Во објава на Фејсбук, премиерот Ковачевски порача дека спречувањето и сузбивањето на корупција е високо на владината агенда.
Единствениот пристап и посветеноста е клучна, Владата има политичка волја да обезбеди почитување на правото и одговорно справување со криминалот и корупцијата преку унапредување и почитување на воспоставените механизми како што се независен буџет, изработка на законски решенија усогласени со ЕУ и неселективна борба против корупцијата, пишува Ковачевски.
Додава дека како земја која ги има отпочнато преговорите со Европската Унија, заеднички мора да се удвојат напорите и да се посветиме на решавањето на проблемот со корупција, бидејќи како што вели премиерот, „никој не смее да биде над законот, а граѓаните заслужуваат да живеат во демократско општество со европски вредности и функционирање“.