Буџетот за 2023 година на Министерството за труд и социјална политика изнесува 858,3 милиони евра, од кои 499 милиони евра се наменети за трансфер во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се обезбедува достапност на социјални услуги, како и континуиран раст на пензиите согласно новата методологија за нивно усогласување со трошоците на живот и просечната плата, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција во Владата со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
– Буџетот за 2023 година на Министерството за труд и социјална политика 858,3 милиони евра. Оваа година се соочивме со голем број предизвици и на економски и на енергетски план, но граѓаните се уверија дека јас и министрите во Владата носевме навремени одлуки и реагиравме за да ги намалиме кризните предизвици и за граѓаните и за стопанството. Обезбедуваме стабилност, во ниту еден момент ниту една категорија граѓани не беше запоставена и не беше оставена настрана, туку напротив високо на листата на приоритети ни беа и остануваат материјалните права на ранливите категории на граѓани – самохраните родители, социјалните случаи, лицата со инвалидитет, пензионерите и останатите групи на граѓани, изјави премиерот.
Ковачевски нагласи дека со буџетот на МТСП за наредната година, се обезбедува достапност на социјални услуги, но и зголемување на материјалните права на пензионерите и на граѓаните кои се дел од системот за социјална заштита.
– На почетокот на мојот мандат ветив дека како Влада ќе се заложиме да обезбедиме достоинствена старост за нашите пензионери. Тоа и го направивме. Јас се залагам за системски решенија кои даваат резултат на долг рок. Тоа беше и појдовната точка на новата методологија која ја правевме за усогласување на пензиите со што обезбедивме континуиран раст на пензиите, кои што нема да зависат од ничија политичка волја или одлука. Така продолжуваме и во 2023 година. Пензиите ќе бидат повторно зголемени во март 2023 година, истакна Ковачевски.
Тој најави дека со новата методологија што ја донесе Владата пензиите се усогласуваат два пати годишно, септември и март, и тоа за 50 проценти со трошоците за живот и за 50 проценти со растот на просечната плата.
– Пензиите ќе бидат зголемени вкупно 16 проценти за една календарска година. Досега веќе од почетокот на мандатот на оваа Влада се зголемени за 10 проценти и тоа за сите 330 000 пензионери. Сето тоа го направивме без да ги зголемиме стапките на пензиски придонеси, односно, без да има дополнително оптоварување на бизнис секторот. Најголемиот дел на средствата – 499 милиони евра се трансфер во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување што е дополнителен показател за граѓаните дека го одржуваме стабилен Пензискиот фонд, нагласи Ковачевски.
Со економските политики на Владата и успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви во него, додаде тој, е обезбедена редовна и предвремена исплата на пензиите
– Со овој буџет, обезбедуваме ублажување на последиците од кризата и ја зачувуваме социјалната сигурност на нашите пензионери со најмали пензии. Директна финансиска помош од 6 000 денари за пензионери кои што земаат од 11.525 денари а воедно и директна финансиска помош од 3000 денари за пензионери од 11.525 денари до 14.000 денари, истакна претседателот на Владата.
Изградивме, рече тој, и систем на социјална заштита што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат најранливите категории граѓани. Премиерот нагласи дека се обезбедени средства за редовна исплата на правата од социјална и детска заштита и дополнителна финансиска поддршка и претстави нов пакет мерки со кои се обезбедуваат дополнителни средства за повеќе социјални услуги.