На маргините на Самитот на Европската политичка заедница, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски оствари билатерална средба со домаќинот на Самитот, шпанскиот премиер Педро Санчез. Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните состојби во Европа, и во регионот на Западен Балкан.
Како што известува владината прес-служба, премиерот Ковачевски го запознал шпанскиот премиер Санчез со најновите внатрешно-политички состојби во државата и се заблагодари за севкупната поддршка од Шпанија која низ годините се покажа како важен партнер на билатерален план и поддржувач во аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Претседателот на Владата, Ковачевски ја истакна важноста на улогата на Шпанија во ратификацијата на пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.
Премиерот Санчез истакна дека поддршката на Шпанија кон Северна Македонија ќе продолжи да биде силна сè до остварувањето на крајната цел, членството на Северна Македонија во ЕУ, се додава во соопштението од Владата.